Гренланд го губи мразот седумпати побрзо отколку во 90-тите години, посочува истражувањето на меѓународен тим научници кои проучувале сателитски снимки во временски период од 26 години. Заклучоците се објавени во угледното научно списание „Нејчр“.
Процената е дека островот Гренланд загубил 3,8 трилиони тони мраз од 1992 година досега. Тоа значи 10,6 милиметри повисоко морско ниво, пренесува БГНЕС.
Според написот, влијанието на Гренланд за покревање на морското ниво денеска е точно како во најпесимистичките предвидувања за иднината. Тоа значи дека кон крајот на овој век може да се очекува дополнително покачување на океанот за 7 сантиметри само поради Гренланд. Тоа, пак, значи и поголем ризик од поплави.
Во моментов околу милијарда лица живеат на помалку од 10 метри над сегашните линии на одлив.
Од друга страна, пак, Алјаска веќе не е синоним на студ. Во Енкориџ - најгусто населениот град на оваа американска сојузна држава - на 4 јули беа измерени 32 Целзиусови степени.
Научниците нагласуваат дека проучувањето е приказ на тоа како Гренланд реагира на брзото затоплување на Арктикот.
Извор: МИА