X
 12.12.2018 Живот

Источен Антарктик се топи со неочекувана брзина

Источен Антарктик, кој досега се сметаше за постабилен од западниот дел на континентот, се топи со неочекувана брзина, покажуваат најнови податоци.

Податоците презентирани на вчерашниот состанок на Американската геофизичка унија во Вашингтон покажуваат дека во источниот дел на Антарктикот, поради топла морска струја, мразот алармантно брзо се топи и создава опасност за светот, пренесува списанието „Нејчр“ (Nature).

Научниците се најмногу изненадени од регионот на заливот Винсенс, каде што има четири помали глечери, и од соседниот огромен глечер Тотен.

Источен Антарктик, кој е голем речиси колку САД, е под големо влијание на топла океанска струја која доаѓа до надворешниот дел на глечерите и продира под нивната површина.

Тотен, кој е најголемиот глечер во источен Антарктик, во периодот од 2001 до 2007 година сè повеќе се топеше и се приближуваше кон океанот, но научниците сега ги зачудува заливот Винсенс. Најновите истражувања финансирани од НАСА покажаа дека заливот се топи за половина метар годишно.

Научниците дошле до овие резултати со мерење на висината на глечерите во периодот меѓу 2003 и 2009 година, со помош на сателитот АЈССат, а од 2011 година преку сателитот КриоСат-2 на Европската вселенска агенција. Со помош на 3Д-приказ тие можеле да следат колку површината на ледениот брег расте или се намалува, или колку се шири или се стеснува.

Се покажало дека четири глечери во регионот - Вандерфорд, Адамс, Бонд и Андервуд - многу брзо се доближуваат до морето. И ако глечерите во источен Антарктик продолжат да се топат со ова темпо, може да има зголемување на глобалното ниво на морето за дури девет метри.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот