X
 30.07.2024 Наука

Гренландските ајкули можеби ја чуваат тајната за долговечноста на луѓето

Големите месојадни гренландски ајкули се познати по нивната долговечност - живеат најмалку 272 години, а можно е да живеат и до 400 години.

- Точната причина за нивниот долг живот останува непозната, иако бавниот раст и ниските метаболички стапки се дел од причините. Разбирањето на овие фактори, исто така, може да биде од корист за здравјето на луѓето, потенцијално продолжувајќи го животниот век. Подоброто разбирање на анатомијата и адаптациите на гренландската ајкула може да ни овозможи да го подобриме здравјето на луѓето - вели Јуан Камплисон, докторанд на Универзитетот во Манчестер.

Тие преживуваат со минимален внес на храна

Кемплисон ги претставил своите наоди на годишната конференција на Британското здружение за експериментална биологија. Гренландските ајкули, кои се наоѓаат на Арктикот и Северниот Атлантик, растат до 7 метри во должина и тежат до 1,5 тон. Тие можат да преживеат со минимален внес на храна бидејќи на гренландската ајкула тешка 224 килограми ѝ требаат само 57 до 170 грама храна дневно, според студија од 2022 година.

Истражувањето на Камплисон покажало дека нивниот метаболизам не се забавува со возраста, што може да ја објасни нивната долговечност.

- Кај повеќето видови, како што старее животното, би очекувале активноста на овие ензими да варира - објаснил тој.

Нови сознанија за стареењето на луѓето?

Сепак, гренландските ајкули на возраст од 60 до 200 години не покажале значителни варијации во ензимската активност.

- Некои од ензимите ќе се намалат со текот на времето бидејќи може да почнат да откажуваат или да се деградираат, додека други ќе ја компензираат и ќе ја зголемат активноста за да се осигурат дека животното продолжува да произведува доволно енергија - додал Камплисон.

Тој сега планира да проучува повеќе ензими за да ги разбере промените како стареат ајкулите.


И покрај нивната долговечност, Светската унија за зачувување на природата смета дека гренландските ајкули се речиси загрозени поради климатските промени и загадувањето на морето.

Извор: zimo.dnevnik.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука