X
 11.12.2019 Технологија

Смартфоните во иднина ќе функционираат сосема поинаку

Благодарение на 5Г-мрежите, паметните телефони во иднина би можеле да функционираат сосема поинаку. Во иднина можеби и нема да мораме толку често да ги надградуваме нашите телефони бидејќи никогаш нема да станат престари или пребавни за омилените апликации.

Се прашувате зошто? Па, апликациите веќе нема да бидат ограничени од силата на процесорот во вашиот паметен телефон бидејќи ќе зависат од моќните компјутери во компјутерскиот облак, со кој смартфонот ќе комуницира преку брза 5Г-мрежа. Така, мобилните би можеле да се претворат во парче стакло со екран и батерија.

Тоа можеби нема да се случи со сите апликации, но би можело со таканаречените суперапликации, меѓу кои би можеле да се најдат и популарни апликации како „Инстаграм“ и „ТикТок“.

Идејата на која се заснова ова предвидување е речиси идентична на онаа на која се заснова и сервисот на „Гугл“ за стриминг на игри наречен „Стадиа“. Игрите за кои е потребна голема моќност се вртат на компјутерите на „Гугл“ во таканаречениот облак, додека визуалите се стримаат на уреди како „Хромкаст“, поврзан со телевизор, лаптоп или паметен телефон. Токму како што денес гледате нешта на „Јутјуб“ и „Нетфликс“.

5Г-мрежите би требало да овозможат значително побрз пренос на податоци и побрза работа на смартфоните отколку што денес тоа може да го направат 4Г-мрежите.


Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија