23.04.2019
Технологија
„Фејсбук“ отстранил 212 лажни профили од Македонија и од Косово
Месечниот извештај на „Фејсбук“ за борба против лажните вести во пресрет на изборите за пратеници во ЕП открива дека 212 профили биле отстранети во март поради „координирано неавтентично однесување“, јави дописничката на МИА од Брисел.
Од почетокот на оваа година Гугл, Фејсбук и Твитер издаваат месечни извештаи во рамките на Кодексот на однесување кој го потпишаа со Европската комисија, со цел борба против дезинформациите и спречување надворешни и малициозни влијанија врз кампањата за изборите за Европскиот парламент во мај.
Извештајот за март, достапен од денеска, открива дека се избришани 212 профили од Косово и од Македонија кои работеле координирано.
- Отстранивме 212 фејсбук-страници, групи и налози поради координирано неавтентично однесување од Македонија и од Косово. Лицата зад овие активности управуваа со лажни налози за да администрираат страници кои споделуваат општа содржина, ненасочена кон една земја специфично, како астрологија, познати личности и совети за убавина - стои во извештајот.
Покрај ова, имало и неколку профили што се претставувале како политички организации од Австралија, Британија и САД и објавувале содржини поврзани со исламот и верски теми, како и политички и националистички содржини, информира социјалната мрежа.
Овие профили имале околу 685 илјади следбеници на „Фејсбук“ или на „Инстаграм“.
Според „Фејсбук“, координирано неавтентично однесување значи создавање мрежа од лажни профили и страници со цел да се измамат корисниците и да се манипулира со јавната дебата во стратешка цел.
Европската комисија денеска ги поздрави редовните извештаи на овие три компании и нивните обиди за повеќе транспарентност во пресрет на изборите, но смета дека се потребни дополнителни напори.
- Дополнителни технички подобрувања и споделување на методологијата и податоците за лажните налози се потребни за да им се овозможи на надворешни експерти и истражувачи да спроведуваат независни процени - смета еврокомесарката Марија Габриел.
ЕК сега ги чека извештаите за април и се надева дека ќе биде констатиран напредок.
Извор: МИА