X
 11.12.2021 Живот

Болка во зглобовите - за причините и терапијата објаснува д-р Марко Атанасовски

Болка во зглоб или во зглобови (лат. arthralgia/polyarthralgia) е исклучително чест здравствен проблем со кој се соочуваме во општите, ортопедските и ревматолошките амбуланти. Болката во зглоб е непријатност која може да се јави во кој било зглоб. Медицинскиот термин за болка во зглоб е артралгија. Таа се разликува од медицинскиот термин артритис, што значи воспаление на зглобот кое предизвикува болка и понекогаш топлина, црвенило и/или оток на зглобот. Најчесто се јавува како резултат на повреда или на воспаление. Таа може да биде умерена, која предизвикува непријатност само по одредени активности или може да биде толку силна што доведува до ограничени движења. Најчеста е болката во коленото, а потоа болката во рамо или во колк.

Кои се причините за болка во зглобовите?

Постојат повеќе причини за болка во зглобовите. Повеќето причини се безопасни и поминуваат без да остават долготрајни последици. Меѓутоа, некои причини бараат долготрајна терапија и може да предизвикаат долготрајни последици. Болката во зглоб може да зафати еден зглоб или може да зафати повеќе различни зглобови. Некои причини за болка во зглоб бараат ургентен третман, на пример:

• Доколку имате инфекција во зглоб (септичен артритис), тогаш мора да се јавите во болница како итен случај.
• Доколку имате скршеница на коска (фрактура) која го зафаќа и зглобот.
• Доколку постои сомнение дека имате ревматоиден артритис, тогаш ќе мора да се закаже термин кај соодветен специјалист што е можно побргу бидејќи раниот третман ќе го намали ризикот од долготрајни последици.

Можните причини делумно ќе зависат од возраста. Можните причини за болка во зглобовите кај децата се различни од оние кај возрасните. Причината може да биде очигледна, како што е по спортска повреда, но повеќе пати се потребни дополнителни иследувања и упатување кај соодветен специјалист за да се открие дијагнозата. Болката, исто така, може да биде предизвикана од различни структури во или околу зглобот, како што се синовијалната обвивка, коските на зглобот или околу него, тетивите, лигаментите или мускулите околу зглобот. Болката во зглобовите може да биде предизвикана и од болка вдолж патот на некој нерв. Ова е таканаречена „пренесена болка“ како, на пример, проблеми со колкот може да дадат болка и во коленото.

Причините за болка во зглобови кога се зафатени еден или повеќе од еден зглоб може да се должат на:
• системска инфекција – најчесто се должат на грип или слични на грип болести придружени со зголемена телесна температура;
• остеоартритис – најчеста форма на артритис каде што болката со текот на времето станува сѐ посилна:
• ревматоиден артритис – болката и вкочанетоста во зглобовите се најизразени во утринските часови;
• псоријатичен артритис – честа форма кај лицата што имаат кожна болест псоријаза;
• реактивен артритис – реакција на зглобот на која било инфекција во организмот, најчесто во дигестивниот или уринарниот систем;
• гихт – најчесто го зафаќа зглобот на палецот на ногата како резултат на зголемена концентрација на мочна киселина во крвта;
• фибромијалгија – придружена со болна осетливост во повеќе регии од телото и замор;
• анкилозирачки спондилитис – најчесто го зафаќа долниот дел од ‘рбетниот столб;
• дефицит на витамин Д;
• болести на сврзното ткиво – како што се системски лупус еритематодес, склеродермија итн.;
• менопауза;
• повреда на зглобот, коската или на околните меки ткива;
• септичен артритис или остеомиелитис – локализирана инфекција на зглобот или на околната коска;
• рак на коска – било примарен или секундарен (метастатски).



Кога треба да се јавите на лекар?

Секогаш кога болката во зглобот е придружена со оток, црвенило, болна осетливост или топлина околу зглобот треба веднаш да се јавите на лекар. Истото важи и кога болката е предизвикана од повреда и е придружена со деформитет на зглобот, ограничени и болни движења во зглобот, силна болка или голем оток. Особено е важно да се јавите на лекар кога не се чувствувате добро, имате постојано зголемена телесна температура, имате други симптоми, како што се ноќно потење или губење телесна тежина, кога болката е присутна повеќе од 2 недели и притоа не се намалува со земање лекови против болка, како што се парацетамол или ибупрофен, и болка во зглобот која се јавува во текот на ноќта.

Дали ќе ви бидат потребни дополнителни иследувања?

Болката во зглобовите често пати поминува сама од себе, без никакви иследувања. Вашиот лекар може да ви помогне во откривањето на причината. Ова вклучува поставување неколку прашања и физикален преглед на зафатените зглобови. Исто така, може да нарача и одредени испитувања на крвта и рендгенграфија за да се открие причината за вашата болка. За одредени зглобни заболувања ќе биде потребно да се направи и ултрасонографија, а во некои случаи и артроскопија.

Која е терапијата?


Повеќето причини се безопасни и болката често пати поминува сама од себе или со помош на лекови против болка. Пробајте со OTC-препарати (лекови кои се издаваат без рецепт) за намалување на болката, како што се парацетамол, ибупрофен, кетопрофен или диклофенак. Тие се достапни и во форма на гел или крем за локална апликација. Во последно време се користат и гел-форми кои се комбинација од глукозамин сулфат и MSM (метилсулфонилметан) – хемиски супстанции кои спаѓаат во групата на хондропротектори кои имаат антивоспалително, аналгетско и регенеративно дејство особено врз зглобната рскавица, а притоа се елиминирани класичните несакани дејства кои се присутни кај оралните препарати. Избегнувајте физичка активност која може да ја предизвика или да ја влоши болката, но останете активни со цел да се спречи мускулна атрофија. Секој понатамошен третман ќе зависи од причината. Некои причини бараат долготраен третман од страна на соодветен специјалист (ревматолог или ортопед).


Автор: д-р Марко Атанасовски, доктор по општа медицина
ПЗУ Поликлиника д-р Ѓоше Куманово

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот