X
 12.01.2019 Наша тема

25-годишен гениј од Битола во Амстердам менаџира една милијарда евра за мултинационалниот гигант „Данон“

Универзитетот во Ротердам каде што магистрирал, според Шангајската ранг-листа, е помеѓу петте најдобри универзитети во светот за бизнис-администрација и во топ-10 универзитети во Европа за економија


Дваесет и петгодишниот битолчанец Александар Здравковски, кој магистрирал Економија и бизнис на „Еразмус Универзитетот“ во Ротердам, моментално работи во Амстердам, во глобалниот финансиски оддел на мултинационалниот гигант „Данон“ (Danone) и менаџира портфолио од трошоци за производство во вредност од повеќе од една милијарда евра.

Универзитетот во Ротердам каде што магистрирал, според Шангајската ранг-листа, е помеѓу петте најдобри универзитети во светот за бизнис-администрација и во топ-10 универзитети во Европа за економија.
Toj сега работи во Амстердам, во француската мултинационална корпорација „Данон“, која е најголемата компанија во светот што произведува свежи млечни производи со приходи од 24,7 милијарди евра во 2017 година и има вработено повеќе од сто илјади луѓе низ целиот свет. Ова е неговото патување од Македонија до врвот на меѓународниот бизнис-свет.


Александар Здравковски

Студирањето во Холандија е сосема поинакво отколку во Македонија

Здравковски објаснува дека државниот универзитет во Ротердам е именуван по Еразмус од Ротердам - хуманист од 15 век и еден од најголемите научници од времето на ренесансата.
- Бизнис и економските школи од овој универзитет се нашироко познати како расадник за лидери на јавниот и приватниот сектор, кои не се плашат да размислуваат надвор од рамките и да ги „нападнат“ дури и најсложените проблеми во светот. На овој универзитет се школувани неколку холандски премиери, многу холандски министри и многу сегашни и поранешни извршни директори и други високорангирани лидери на некои од најголемите компании во светот, како што се „Шел“, „Филипс“, „Унилевер“, „Хајнекен“, ИНГ - објаснува тој.
Го прашавме дали токму тоа беше пресудно да го избере овој универзитет за студии, како и да направи споредба со македонскиот образовен систем.
Вели дека дури и кога бил мал, секогаш боел надвор од линиите, а истовремено бил гладен за знаење.
- Набрзо откако почнав со своите додипломски студии, сфатив дека питата од академско знаење во Македонија е многу мала. За да ја задоволам мојата желба да научам повеќе и да ги проширам моите хоризонти, морав да ги завршам магистерските студии во странство. Се пријавив и ме примија на неколку високорангирани универзитети за економија и бизнис во континентална Европа.
Одлучувачки фактори за учење на Универзитетот во Ротердам беа неговиот углед и ригорозната академска програма - вели тој.
Објаснува дека студирањето во Холандија е сосема поинакво отколку во Македонија.



- Магистерските студии се мешавина од класични предавања и семинари. За време на семинарите, учениците во мали групи ги анализираат научните трудови на водечките економски научници и нивните идеи ги применуваат на реални бизнис-случаи.
Исто така, се става силен акцент на воннаставните активности, кои се сметаат за голема предност од страна на работодавците. Додека студирав во „Еразмус“, бев дел од одборот кој ги подготвуваше годишните денови за одржливост на Еразмус. Ова искуство ми даде можност да комуницирам со лидери од неколку мултинационални компании што вредно работат да го намалат импактот што нивните компании го имаат врз животната средина и со стартапи со визија за оставање почиста планета отколку што сме наследиле. Ги охрабрувам македонските студенти да се вклучат во воннаставни активности бидејќи тие се многу убава можност да излезат надвор од нивната удобна зона и да развијат лидерски вештини што ги бара секоја компанија - вели Здравковски.

Патот до „Данон“

Кога Александар почнал да ја подготвува својата магистерска теза, немал никакви предавања бидејќи тој дел од програмата бил резервиран за пишување на магистерскиот труд. Вели дека многу студенти го користат овој летен период за да стекнат практично искуство и да стажираат во некоја компанија.
- Сите големи мултинационални корпорации регрутираат во кампусот и кога сте добар студент на еден од најдобрите универзитети во светот, сите сакаат да направат интервју со вас и да ве вработат - вели тој.

Решил своето стажирање да го направи во „Данон“ бидејќи таму имало „страшно друштво“ за учење на основите на бизнисот. Можност за учење од лидери што управуваат со илјадници вработени.
- Тоа е и одлично место за разбирање на културните разлики меѓу нациите бидејќи функционира речиси во секој агол на светот. И, она што беше најважно за мене, „Данон“ многу инвестира во своите млади вработени во однос на обезбедување обуки, семинари за лидерство и ги поттикнува да се движат меѓу одделенијата и земјите. Почнав како финансиски практикант во глобалната канцеларија на „Данон“ во Амстердам. Менаџерот што ми даде шанса и со кој работев беше многу импресиониран од мојата работа. По неколку недели откако ѝ се придружив на компанијата, тој ми рече: „Во мојата кариера не сум видел некој толку млад, а да поседува вакви вештини“. На крајот од мојата пракса тие одлучија да ми понудат постојана позиција, која со задоволство ја прифатив - раскажува Здравковски.
Тој работи како бизнис-контролор во глобалниот оддел за набавки, управувајќи со портфолио од повеќе од една милијарда евра за материјали што компанијата ги користи во својот процес на производство. Вели дека е голем предизвик, но и работа која те наградува при процесот на учење.
- Можете да го поминете утрото во преговарање за долгорочен договор со снабдувач од Азија во вредност од стотици милиони евра. Потоа да скокнете на состанок со потпретседател за усогласување на готовинскиот тек на компанијата. Може лесно да го завршите денот со извршен директор за стратешки иновации од претставништвото во Северна Америка, со кој ќе направите брејнсторминг за тоа како најекономично да обезбедете состојки за (создадете) нов органски растителен производ кој фабриките во САД се подготвуваат да го произведат.



Кога не работи, волонтира и трча

Да се менаџира со илјадници евра и многу вработени, сигурно е многу стресно. Но, Александар вели дека и покрај тесниот распоред наоѓа време и за себе.
- Најважно во животот не се материјалните нешта што модерното општество ги промовира, туку разликата што ја правиме за другите луѓе и за нашата заедница. Во слободното време волонтирам како менаџер за финансии за една млада НВО која ги едуцира децата за штетните ефекти од нагазните мини во областите погодени од војна. Во моментов работиме на кампања за прибирање финансиски средства која ќе ни помогне во нашите напори за образование во кризните региони на Азербејџан. Кога не волонтирам, трчам и се подготвувам за полумаратони. Завршив три полумаратони во Копенхаген, Амстердам и во Брисел минатата есен. Исто така, како и сите млади луѓе, сакам да патувам со моите пријатели, најчесто низ Европа.
На младите студенти им порачува:
- Бидете необично љубопитни. Ризикувајте! Работете напорно бидејќи со доволно упорност, повеќето работи што изгледаат невозможни стануваат реалност.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема