Нашата работа е динамична и интересна затоа што работиме со лица кои секогаш имаат некоја животна приказна за раскажување. Негативна страна е понекогаш кога и покрај целиот тој труд, нашата работа не е ценета и вреднувана поради спротивни мислења и можеби преголеми очекувања од самите тие лица, но најчесто и од нивните семејства, вели негувателката Маре
Маре Младеновска е негувателка во дом за стари лица. Нејзината задача е да се грижи за старите лица, а тоа значи помош при движење доколку е потребно, при хранење, при водење лична хигиена, при бањање, односно сѐ што им е потребно за да функционираат старите лица во домот. Па така, околу новогодишните празници дополнително им се посветени за и тие да ја почувствуваат топлината и атмосферата на празниците.
- За Божиќ и за сите други празници старите лица се возбудени и уживаат во празничната магија. Просториите се накитени и даваат чувство на топол дом. Старите лица имаат желба да ги прослават овие празници со нивните корезиденти од домот, а особено ги радува да бидат посетени од нивните најблиски - ни сподели негувателката Маре.
Работата на негувател во дом за стари лица Маре ја доживува како вистинско признание, од кое расте човекот во неа.
- Преку преданост и неопислива посветеност, ја обликувам својата душа во креативен и благословен процес. Секој допир, секој кажан збор, се претвора во израз на љубов и поддршка кон старите лица, создавајќи врски што се нежни и длабоки. Во рамките на мојата улога, не само што им обезбедувам утеха и сигурност, туку градам и вистински пријателства со нив. Секој ден ми е благородно патување низ нивните животи, каде што мојата посветеност станува извор на љубов и разбирање. Преку влијателни моменти на поддршка и разбирливост, градам мостови кон спомените од нивната младост и создавам топла околина каде што чувствуваат припадност и важност. Секој одѕвон на часовникот станува значаен момент, каде што моето присуството не само што ги негува туку и ги поттикнува да бидат посилни и да ја ценат секоја минута од својот живот. Секој момент дознавам за богатството на искуствата и преживувањата што ги носат во своите срца. Јас не само што чувствувам благослов и задоволство, туку ги вовлекувам во еден свет на заемно обогатување, каде што мојата присутност станува светло што го осветлува секој аспект од нивниот живот. Би сакала да додадам дека со голема љубов и желба ја работам својата работа, која ме прави неизмерно среќна - раскажува Маре.
На располагање 24 часа
Таа работи во „Феникс“, синџир на старски домови од кои првиот е отворен во 2002 година. Нивната цел е максимална посветеност и овозможување достоинствена старост на нивните корисници.
- Се трудиме да внесеме радост во нивниот живот и да придонесеме да бидат среќни и задоволни од животот што го поминуваат во нашите установи. Домовите за нега на стари лица „Феникс“ се меѓу првите приватни домови за стари лица во Македонија кои нудат професионална грижа и нега за лицата од третата доба. Кај нас златните години од својот живот ги поминуваат лица од различни краеви на Македонија, па дури и повратници од дијаспората. На располагање сме 24 часа да им овозможиме максимална услуга и нега при нивниот престој - вели Маре.
Негата на стари лица во домот вклучува социјална и лична грижа, асистенција во секојдневните активности, здравствена заштита, живот со достоинство.
- Позитивни страни се, пред сѐ, хуманоста која доаѓа со оваа работа и асистенција на старите лица, што сите нас нѐ исполнува. Секој дома има такво лице кое му е драго и секој би сакал да го гледа исполнето со среќа и љубов. Нашата работа е динамична и секогаш интересна затоа што работиме со лица кои секогаш имаат некоја животна приказна за раскажување. Негативна страна е понекогаш кога и покрај целиот тој труд, нашата работа не е ценета и вреднувана поради спротивни мислења и можеби преголеми очекувања од самите тие лица, но најчесто и од нивните семејства - вели Маре.
Друштвени игри, заеднички разговори, слушање музика, цртање
Денот им почнува со тоа што прво прават визита на сите станари. Ја следат нивната здравствена состојба, доколку има некаква промена, веднаш реагираат, потоа почнува појадокот, па имаат слободно време, односно период за заеднички социјални активности, друштвени занимации во кои се вклучени сите, и старите лица и негувателите.
- Потоа следува ручекот, па старите лица најчесто одмараат, а ние го чистиме објектот и трпезаријата. Исто така, неколку пати во денот се дели препишаната терапија, се мери притисок, шеќер и друго. По вечерата гледаме филм или некоја серија, пиеме чај или какао, се дружиме и потоа си легнуваат да спијат. Во „Феникс“ лицата имаат сеопфатен социјален живот, а тоа подразбира внатрешни и надворешни активности, на пример, групни социјални активности од типот на друштвени игра, заеднички разговори, решавање одредени писмени задачи, слушање музика, цртање и многу други работи. А понекогаш викаме и надворешни лица кои прават музички настапи, театарски претстави, организираме и еднодневни екскурзии придружувани од нашиот персонал - споделува Маре.
Омилен дел од работата ѝ е тоа што се грижи за нив и нивното здравје.
- Секојдневно разговараме и им го разубавуваме денот на нашите корисници. Најтешкиот дел од работата е тоа што понекогаш се соочуваме со лица кои доаѓаат во потешка здравствена состојба, а ние како социјална установа не можеме драстично да им ја подобриме, додека барањата на нивните семејства понекогаш се превисоки - ни посочува таа.
Според неа, нејзината работа е многу значајна и носи со себе многу одговорности и емоционални предизвици.
- Да бидам искрена, понекогаш е тешко да не се носат работните проблеми дома. Се среќавам со многу различни личности секој ден и секоја од нив има свои потреби и проблеми. Некои од нашите пациенти се многу осамени и им треба дополнително внимание и грижа. Тие честопати се причината што мислам на мојата работа и кога ќе се вратам дома. За да се справам со ова, се обидувам да практикувам различни техники на опуштање и самогрижа. Ова може да вклучува читање книга, слушање музика или дури и медитација. Исто така, разговарањето со семејството и пријателите за моите чувства и искуства е многу корисно. Тие ми помагаат да ги гледам работите од друга перспектива и да најдам рамнотежа меѓу работата и приватниот живот. Исто така, моите колеги се важен извор на поддршка. Ние често разговараме за нашите искуства и се поддржуваме едни со други. Оваа меѓусебна поддршка е клучна за одржување на нашето добро ментално здравје и способноста да продолжиме да обезбедуваме најдобра грижа за нашите корисници. На крајот на денот, иако оваа работа може да биде тешка, исто така е многу наградувачка. Да знаеш дека правиш позитивна разлика во животите на овие луѓе е нешто што ме исполнува со гордост и среќа - ни споделува нашата соговорничка Маре.
Фото: приватна архива