Каков ќе биде светот во 2030 година? Очигледно никој не може да го знае точниот одговор, но според процени на „Дел“, 85 отсто од вработените ќе имаат професии кои сè уште не постојат. „Форбс“ состави листа со вештини кои веројатно ќе се бараат од младите во следната деценија.
Дигитална писменост
Според Светскиот економски форум, над половина од работните места во 2030 година ќе бараат разбирање на дигиталната технологија. Ова значи дека луѓето што можат ефикасно да користат дигитални алатки и платформи за решавање проблеми и создавање вредности ќе немаат проблем да најдат работа.
Аугментирана работа
Вештачката интелигенција и автоматизацијата може да направат револуција во многу индустрии. Аугментираното работење вклучува способност за користење автоматизација за подобрување на вештините и способностите.
Одржливо работење
Светот ќе одбегне климатска катастрофа доколку бизнисите вложуваат во намалување на отпадот, рециклирање, преминување на обновливи извори на енергија и намалување на загадувањето. До 2030 година ќе се очекува секој да игра улога во ова, а работниците ќе треба да покажат дека даваат придонес.
Критичко размислување и анализа
Секојдневно добиваме многу информации и треба да одбереме што од тоа може да биде корисно за нас. Ова значи дека ни е потребна вештина за анализа и процена на мислењата и плановите, а тоа бара критичко размислување.
Вештини со податоци
Секоја индустрија сè повеќе користи податоци во својата работа. До 2030 година речиси од секого ќе се очекува да разбира како податоците влијаат врз нашите улоги и одговорности, но и како да ги користиме во работата.
Фото: Pixabay
Виртуелни работни платформи
Светот се менува и традиционалниот начин на работа од канцеларија веќе изумира. Ова значи дека ќе бидат потребни сѐ повеќе алатки за работа од дома кои ќе бараат групна работа и соработка.
Креативно размислување
Наоѓањето нови начини за завршување на обврските, решавањето проблеми на нови начини и замислувањето позитивни промени ќе бидат важни за многу работни места во 2030 година. Оние што ќе размислуваат „надвор од кутијата“ ќе бидат барани за да доаѓаат до иновативни решенија.
Емоционална интелигенција
Ова не е лична карактеристика, туку вештини кои може да бидат развиени за подобро да се разберат емоционалните реакции на луѓето. Машините нема да може да научат како да ги земат предвид чувствата на луѓето.
Доживотно учење
Одамна помина времето кога се сметаше дека учењето завршува со дипломирањето. Дигиталната трансформација носи промени во многу индустрии, а постојано се измислуваат нови алатки. Од работниците ќе се очекува соодветно да се надградуваат и да работат на нови вештини.
Вештини за водење
Машините може да бидат добри за многу работи, но не и за инспирирање на луѓето. Доброто водење бара човечка способност за препознавање силни и слаби страни со цел да се извлече најдоброто во луѓето. Лицата што ќе може да ги докажат своите водечки вештини ќе бидат поценети.
Извор:
Forbes
Насловна фотографија: Pixabay