X
 12.02.2015 Живот

Цитати од најсиромашниот претседател на светот - Хосе Мухика

Хосе Мухика го почнал својот јавен живот како насилен бунтовник против владата на Уругвај. По повеќекратни апсења и неколку бегства, бил фрлен во самица и поминал 10 години во беда. Тој халуцинирал и страдал, но по ослободувањето во 1985 година, започнал одново, овој пат борејќи се за своите идеали како избран функционер.

Мухика се кандидира за претседател и ги доби изборите во 2009 година и почна со работа во 2010 година. За време на мандатот Мухика ја надгледуваше легализацијата на продажбата на марихуаната, како и првиот легален брак меѓу хомосексуалците. Исто така, имаше подобрување и во економијата. Но, тој најмногу се прослави по начинот на кој живее.

Додека беше претседател тој не сакаше да престојува во претседателската палата и остана во старата куќа со неговото семејство. Не носеше вратоврски и често на прес-конференции се појавуваше во фармерки. 90% од својата плата ја донираше и живееше среќно со 800 долари месечно. Со други зборови, тој се откажа од раскошот во кој живеат повеќето функционери.

Кои верувања го мотивираат во животот и политиката? Цитатите подолу ви нудат можност да дознаете како размислува овој човек.

За сиромаштијата

„Имам начин на живот кој не сакам да го променам само затоа што сум претседател. Заработувам повеќе отколку што ми е потребно, дури и ако тоа не е доволно за другите“.

„Сиромашни се оние на кои им е потребно многу. Бидејќи оние на кои им е потребно многу никогаш не се задоволни“.

„Мислам дека идеалниот начин на живот е да се живее како што живеат поголемиот дел од луѓето, на кои се обидуваме да им служиме“.

За легализирањето на марихуаната


„Сите полициски мерки што ги презедовме во последните 100 години против трговијата со дрога единствено што направија е размножување на криминалот. Дрогата се рашири и насилството почна да владее со општеството“.

„Ќе започнеме експеримент. Сигурно ќе бидеме во центарот на вниманието. Но, потребно е да запомните дека Уругвај има 9.000 затвореници, од кои 3.000 се затворени за кривично дело трговија со дрога. Тоа значи дека најпрво треба да се реши тој проблем“.

За револуцијата

„На светот секогаш ќе му биде потребна револуција. Тоа не значи дека треба да има пукање и насилство. Револуцијата се случува кога го менувате начинот на кој размислувате. Конфучијанизмот и христијанството произлегуваат од револуција“.

„Демонстрантите веројатно ќе завршат работејќи за мултинационални компани и ќе умрат од модерни болести. Се надевам дека грешам“.

„Не можеме да живееме сами. За нашите животи да бидат возможни, ние зависиме од општеството. Една работа е да ја уништите владата и да ги блокирате улиците. Но друга работа е заедно да создадете и да изградите подобро општество на кое му се потребни организација, дисциплина и долгорочна работа. Се воодушевувам на енергијата на младината, но мислам дека нема да успее ако не стане позрела“.

За климатските промени

„Она што некои го нарекуваат еколошка криза на планетата е последица на триумфот на човечките амбиции. Ова е нашиот триумф, но истовремено и наш пораз“.

„Дали ние ја регулираме глобализацијата или глобализацијата нѐ регулира нас? Дали е возможно да се зборува за солидарност и да речеме „сите сме заедно“ во економија базирана на безмилосна конкуренција?“

За политиката и политичарите

„Претседателот е официјално лице на високо ниво кое е избрано да извршува функција. Тој не е крал, и не е бог. Тој не е доктор на племето кој знае сѐ. Тој е државен службеник. Како таков треба да си оди и да биде заменет“.

„Првото барање во политиката е интелектуална искреност. Ако не постои, останатото е безвредно“.

За носењето вратоврски

„Вратоврската е бескорисен партал кој ве задушува. Јас сум непријател на консумеризмот. На сметка на овој хиперконсумеризам, ние ги забораваме основните нешта и даваме човечки напор за работи кои имаат малку врска со човечката среќа“.

За слободата

„Вистинската слобода е да консумирате малку“.

„Кога ќе купите нешто, инструментот е пари, но во реалноста вие нештото го купувате со часовите од вашиот живот поминати во заработување пари. Најголемото нешто што го имате е тоа што сте живи“.

„Да бидете слободни значи да поминувате време правејќи ги работите во кои уживате“.

„Јас сум скромен, не сиромашен. Скромен, со лесен куфер. Живеам со малку, со тоа што е неопходно, и не се врзувам за материјалните работи. Зошто? За да имам повеќе слободно време. Што ќе правам со слободното време? Што сакам. Слободата е да се има време за живеење“.
Подготвил: Тамара Мисирлиевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот