X
 12.02.2019 Наука

Луѓето ги јадат и последните големи животни

Луѓето се во процес на туркање на најголемите светски животни преку работ на исчезнувањето, а главната сила е нашиот незаситен апетит за месо. Ова очајно предупредување доаѓа од првата анализа во која е разгледано како луѓето влијаеле врз светската мегафауна.

Спојувајќи повеќе од 300 вида невообичаено големи 'рбетници, резултатите илустрираат жална иднина за нашата животна околина. Сè на сè, бројот на најмалку 200 вида од мегафауната се намалува, а повеќе од 150 се туркаат под работ на исчезнувањето.

- Нашите резултати посочуваат дека сме во процес на јадење на мегафауната до исчезнување. Во иднина 70 отсто ќе искусат дополнително опаѓање на бројот и 60 отсто од видовите може да исчезнат или да станат многу ретки - вели Вилијам Рипл, водечки автор на студијата и експерт по екологија во Државниот универзитет во Орегон, САД.

Ако луѓето изберат да продолжат по овој пат, загубата би можела да ја загрози планетата. Биодиверзитетот е разноличноста на животот што ги крепи сите екосистеми во светот, но по милениуми минати со непроверени постапки, луѓето се соочуваат со еколошка криза.

Замислете го ова како да е играта Џенга. Колку повеќе делчиња отстрануваме, толку понестабилен станува системот, а заканата од колапс станува сè поголема.

Според авторите, на една петтина од 'рбетниците во светот им се заканува исчезнување. Но, проблемот не е од вчера. Уште во плеистоценот луѓето го опустошувале светскиот биодиверзитет, туркајќи големи 'рбетници во амбисот на исчезнувањето.

Но, во изминатите 500 години нештата се забрзаа и тоа сè повеќе ги загрижува научниците. Денес секој вид мегафауна е под ризик од лов од страна на луѓето.


Процент на видови кои се под закана
Фото: Science Alert

Всушност, од сите видови мегафауна што се под закана, 98 отсто се под ризик од директно ловење за консумација од страна на човекот или за делови од телото.  

Не само што овие големи суштества имаат повеќе месо на себе, а потенцијално и поголема слава туку тие се и помалку распространети од малите видови и се размножуваат многу побавно. Ова ги става големите 'рбетници под исклучителен ризик од исчезнување.

- Видовите од мегафауната се под поголема закана и кај нив има поголем процент на опаѓање на популацијата отколку кај сите други видови 'рбетници заедно - објаснува Рипл.

Така, загубата на видовите од мегафауната веќе ги менува структурата и функцијата на нашите екосистеми на начини кои сè уште ги откриваме. Во изминатите 250 години знаеме дека девет вида од мегафауната или целосно исчезнале или исчезнале во дивината. Животните што се под најголема закана се оние на копно. Нема сомнеж дека тоа е така бидејќи луѓето можат лесно да стасаат до нив.  

Кај морските животни ситуацијата е малку подобра. Само 27 отсто од видовите се оценети дека се под закана.

- Зачувувањето на останатата мегафауна ќе биде тешко и комплицирано. Ќе има економски аргументи против тоа, како и културни и социолошки пречки. Но, ако не го земеме предвид, ако не го критикуваме и приспособиме нашето однесување, нашите поинтензивни способности како ловци може да доведат до тоа да исконсумираме голем дел од последната мегафауна на Земјата - заклучува Рипл.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука