X
 12.02.2022 Живот

Најчестите големи и мали грешки што ги правиме кога составуваме си-ви

Некои мали и големи грешки во професионалната биографија може да ве чинат работно место. Проверете дали вашата биографија ги има овие грешки.

Биографијата не е приспособена на работата

Неопходно е професионалната биографија да биде приспособена на работното место за кое сакате да конкурирате. Работодавецот мора да знае да процени дали одговарате на работната позиција или не веднаш штом ќе ја земе биографијата. Доколку во неа не се наведени знаењето и вештините што се бараат, нема да бидете повикани на интервју без разлика на вашето претходно искуство во други области.

Лажни тврдења

Не пишувајте за себе нешто што не може да го докажете. Наместо тоа, користете факти и реални примери од личното искуство за да ја докажете својата вредност.

Несериозна електронска адреса

Доколку сакате да импресионирате некого и да изгледате како личност со кредибилитет, вашата електронска адреса треба да изгледа така. Адресите што изгледаат непрофесионално може да остават лош впечаток за вас и да ви ги намалат шансите за вработување.

Премногу текст

Доколку во вашата професионална биографија има премногу текст кој не е поделен во параграфи или не е уреден, работодавецот ќе изгуби интерес за неколку секунди. Разделете ги информациите на параграфи и во ставки за читањето да биде полесно.

Не го прикажува тоа што го интересира работодавецот

Важно е да напишете што знаете и умеете во професионалната биографија, но важно е и да покажете на кој начин вие би придонеле за компанијата во која сакате да работите. Наместо само да го наведувате искуството, објаснете какви резултати може да се очекуваат со вашите вештини.

На пример, наместо да напишете дека сте пишувале финансиски извештаи и сте вршеле контрола на трошоци, напишете дека претходниот работодавец заштедил 10.000 евра годишно со помош на вашите финансиски извештаи и контрола на трошоците.


Фото: Pexels

Премногу клучни зборови

Важно е да вметнете клучни зборови, но не треба да претерате со нив. Некои фирми прават автоматско скенирање на биографиите со помош на клучни зборови, но станува збор за малку компании. Поголемиот дел од компаниите бараат човек да ја прочита биографијата.

Не ги опишува претходните обврски

Иако вашата претходна работна позиција можеби звучи добро, таа не секогаш кажува многу за позицијата за која аплицирате. Затоа, покрај самата функција наведете ги и обврските што сте ги имале.

Необични фонтови

Една од најважните работи што ги има добрата професионална биографија е едноставниот изглед кој на работодавецот му помага подобро да ја разбере вашата работна историја. Не обидувајте се да ја разубавите биографијата со фонтови што тешко се читаат.

Фотографии

Не е неопходно да имате фотографија во професионалната биографија, но доколку сакате, внимавајте каква ќе одберете. Фотографијата треба да одговара на работната позиција за која аплицирате.

Нема детали за последната работа

Моменталното или последното вработување е најважната ставка во професионалната биографија бидејќи на регрутерите им покажува што знаете да правите. Затоа, секогаш имајте дел за последната работна позиција.


Фото: Pexels

Повторување

Доколку неколку пати искористите ист збор во професионалната биографија, тоа покажува недостиг на креативност и слабо ниво на пишана комуникација. Користете синоними за да не се повторувате.

Премногу страници

Вашата професионална биографија на седум страници веројатно ќе остане непрочитана. Професионалната биографија треба да има најмногу две страници.

Граматички и правописни грешки

Од силните кандидати се очекува да умеат јасно да комуницираат и да бидат писмени, па затоа граматичките и правописните грешки може да ви ги намалат шансите за вработување. Проверете ја биографијата повеќепати пред да ја испратите.

Пишување во трето лице

Вашата професионална биографија е директна комуникација помеѓу вас и потенцијалниот работодавец, па затоа треба да пишувате во прво лице. Пишувањето во трето лице може да звучи арогантно, а не сакате да оставите таков впечаток.

Извор: DDL
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот