X
 02.09.2021 Економија

Во Македонија има околу 9.000 слободни работни места, од кои повеќе од половина се во Скопскиот Регион

Најмногу се бараат работници во услужни дејности и продажба

Во второто тримесечје од 2021 година стапката на слободни работни места во Македонија изнесува 1,78%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вкупниот број на слободни работни места во земјава за второто тримесечје изнесува 8.977, а според секторите на дејности, најголем број слободни места има во преработувачката индустрија (1.948), трговијата на големо и трговијата на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (1.6901) и во секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна (995).

Фото: Државен завод за статистика (printscreen)

Истовремено, највисока стапка на слободни работни места од 4,64% има секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна, додека најмала е стапката во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, во кој изнесува 0,16%.

Деловните субјекти со број на вработени од 3 до 9 имаат највисока стапка на слободни работни места, која изнесува 2,54%.

Фото: Државен завод за статистика (printscreen)

Југозападниот Регион има највисока стапка на слободни работни места, која изнесува 2,72%.

Сепак, ако погледнеме во кој регион колку работници се бараат, паѓа в очи тоа што повеќе од половината од слободните места се во Скопскиот Регион, каде што се слободни 4.812 работни места. Во сите други региони бројот е троцифрен.

Фото: Државен завод за статистика (printscreen)

Доколку, пак, ги анализираме податоците според занимањата, можеме да заклучиме дека во второто тримесечје од годинава најмногу се барале работници во услужните дејности и продажбата, каде што биле слободни вкупно 3.690 работни места. Потоа следуваат техничарите и сродните занимања (1.444 слободни места), службениците (1.006 слободни работни места), ракувачите и составувачите на машини и постројки (1.002) итн.


Фото: Државен завод за статистика (printscreen)

Насловна фотографија: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија