X
 12.02.2024 Живот

Не ви оди физика? Професор од Дубровник има јутјуб-канал каде што го објаснува материјалот

За многу ученици физиката е прилично тежок предмет, можеби и најтешкиот. Кога часовите се префрлија онлајн поради ковид-пандемијата и кога наставниците и учениците мораа да се приспособат на тоа, физиката стана уште поголем товар за некои ученици.

Во тоа време наставникот Марио Алетиќ од Дубровник започна свој јутјуб-канал каде што ги објаснува часовите по физика за основно образование.

- Одлучив да направам јутјуб-канал за време на пандемијата. Бев згрозен од идејата дека цела генерација ученици ќе поминат без соодветно образование по физика и какви последици ќе има тоа врз нивното средно образование и врз перцепцијата и разбирањето на светот околу нив воопшто. Физиката е предмет што мора да се изучува во училницата, со експерименти и дискусии со учениците. За жал, тогаш и во такви околности не можев да го постигнам тоа, но мислам дека видеоматеријалите беа најблиску до таквиот вид настава - вели Алетиќ.

Во изработката на видеата голема помош му била сопругата Зузана, која го мотивирала да почне да снима. Таа го изработувала техничкиот дел. На неговиот јутјуб-канал моментално има повеќе од 30 видеа од часови по физика и математика, а најгледаното има речиси 10.000 прегледи.

- Видеата најпрво беа создадени за да им помогнат на моите ученици. Коментарите беа главно позитивни, и од учениците и од родителите. По некое време забележав дека почнаа да ме следат ученици од соседните земји, како Босна и Србија. Позитивните коментари и проширувањето на каналот ме поттикнаа да направам повеќе видеа. Видеоматеријалите не можат да ги заменат часовите по физика, но можат да бидат корисни за совладување на материјалот. Предноста на видеата е тоа што може да се гледаат неколку пати додека нештото не стане јасно, но тие не можат да го заменат наставникот, неговите објаснувања, експерименти, енергијата што ја носи на часот и можноста учениците да го прашаат наставникот за да им разјасни нешто - вели Алетиќ.

Токму поради популаризацијата на науката, тој сериозно размислува да го надгради својот јутјуб-канал. Планира специјални видеа кои не би биле само за основните и средните училишта, туку и за пошироката јавност.

„Физиката и филозофијата одат рака под рака“

- Ние наставниците сме тука да помогнеме. Учениците секогаш се изненадени кога ќе им кажам дека физиката и филозофијата одат рака под рака. Им ја раскажувам приказната кога студирав и се запишав на изборниот предмет Физика и филозофија. На првото предавање професорот нѐ праша зошто сме се запишале на курсот Физика и филозофија. Мојот одговор беше дека се запишав на физика затоа што сакав да ја откријам вистината за светот околу мене, бидејќи физиката ја бара вистината, а филозофијата прашува што доаѓа по вистината. Учениците, и оние што сакаат и оние што не сакаат физика веднаш се расположени за дискусија по ваква приказна. Мислам дека понекогаш треба да одвоиме време да ги доближиме со вакви муабети или барем да ги мотивираме за физика - вели наставникот.

Извор: Srednja.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот