Oткако повеќе од 10 часа сведочеше пред американскиот Конгрес, а во британскиот Парламент го испрати својот заменик, шефот на „Фејсбук“, Марк Закерберг, сепак ќе мора да одговори на непријатните прашања од челниците на ЕУ.
Како што соопштија од Брисел, потпретседателот на Европската комисија, Андрус Ансип, ќе
се состане со Закерберг при својата посета на Сан Франциско.
(
Фото: AFP)
За потсетување, Закерберг доби службена покана да се појави пред Европскиот парламент и да појасни како податоците од повеќе од 2,7 милиона европски корисници на оваа социјална мрежа стигнаа во рацете на „Кембриџ аналитика“. Меѓутоа, од компанијата објавија дека тој нема да ја прифати поканата.
Досега „Фејсбук“ се потпираше на уверувањето дека Шерил Сандберг, оперативниот директор на компанијата, ќе ги држи европските челници надвор од нивните простории и бизниси, но се чини дека сепак дојде време Закерберг лично да им објасни како стојат работите.
Инаку, Ансип во текот на својата американска турнеја ќе се сретне и со шефот на „Гугл“, Сундар Пичај, и со претставниците на „Твитер“, Шон Еџет, и на „Нетфликс“, Дејвид Хајмен, за да поразговараат за заштита на податоците, приватноста на интернет, илегалните содржини, дигиталната заштита на правата и вештачката интелигенција.
Со оглед на тоа што воведувањето на Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR) наближува, јасно е дека американските компани што во ЕУ имаат милиони корисници ќе мора да докажат дека се подготвени за поостри и построги правила. Во спротивно, би можеле да се соочат со високи казни, какви што и досега ЕУ им одредуваше на некои компании, како на „Гугл“, на пример.