Вашето лице наскоро ќе стане важен документ додека минувате низ аеродромот за да се качите во авион. Американската авиокомпанија „Џет блу“ веќе нуди техника на препознавање лице како начин за да го покажете идентитетот кога се качувате на авион за да одите до одредени дестинации.
Додека тоа е само една воздухопловна компанија и процес кој се одвива на портата, деновиве американската Администрација за безбедност во сообраќајот (ТСА) објави план за тоа како да ја зголеми употребата на биометриските податоци - односно користењето делови од вашето тело, како отпечатоци од прсти или вашето лице - за да докаже кој сте вие. Ова, секако, се однесува на аеродромите во Соединетите Американски Држави.
Првиот чекор е да се претстави биометриска безбедност за меѓународните летови. Токму во тој дел „Џет блу“ веќе користи препознавање на лице за дестинации како Аруба: камера на портата ја споредува сликата што ќе ја направи со онаа што ја има Царинската и гранична заштита (ЦБП). Во февруари ТСА почна да тестира ваков систем на терминалот за меѓународни летови на аеродромот во Лос Анџелес.
Од ТСА велат дека наскоро ќе го активираат првиот биометриски терминал што ќе користи технологија за препознавање лице за автоматизација на многу процеси при патувањата.
Ова значи дека камерите и алгоритмите ќе играат сè поважна улога при патувањата со авион.
Исто така, од ТСА сметаат дека на патниците ќе им се допадне идејата бидејќи луѓето се веќе навикнати да ги отклучуваат телефоните, на пример, со нивното
лице.