X
 02.02.2021 Живот

Нови детали за мистеријата „Дјатлов превој“ што со децении ги мачи Русите

Мистериозната смрт на девет млади планинари во текот на зимата 1959 година на Урал ја фасцинираше и ја мачеше Русија со децении, а предизвика и појава на многу теории на заговор - од вонземјани до непрофесионално нуклеарно тестирање.

Новото истражување објавено неодамна му даде тежина на природното објаснување за смртта на искусните планинари, чии замрзнати тела биле пронајдени на различни локации на планината. Некои од нив имале страшни повреди.

Без преживеани и со неодговорени прашања, сомнежите во врска со мистеријата на Дјатловиот превој продолжија и покрај официјалната истрага која минатата година донесе одлука дека студентите загинале во лавина.

Новото истражување посочува дека комбинација од фактори - вклучително и пукнатина во снегот кога планинарите го поставиле својот шатор и снежните врнежи предизвикани од силен, леден ветер - предизвикале лавина што ги оставила студентите надвор на -25 Целзиусови степени.

- Неколку дела од мистеријата на Дјатловиот превој никогаш нема да бидат објаснети бидејќи никој не преживеал за да ја раскаже приказната - изјави еден од авторите на истражувањето, Јохан Гауме, кој е шеф на лабораторијата за симулација на лавина во ЕПФЛ во Швајцарија.

Теории на заговор


Ноќта, на 1 февруари 1959 година, планинарите заедно со водачот Игор Дјатлов поставиле шатор на падините на Мртвата Планина.

Во еден момент по полноќ, нешто неочекувано ги принудило членовите на експедицијата да го искинат шаторот и да побегнат во шумата, на повеќе од еден километар низ падината, без соодветна опрема.

Некои тела биле пронајдени со чудна боја или им недостигале очните јаболчици. Другите имале внатрешни повреди, но немале надворешни знаци на траума. Било детектирано високо ниво на зрачење во телото на еден маж, додека на една жена ѝ недостигал јазикот.

Била покрената кривична постапка, но набрзо била затворена. Случајот останал доверлив сè до 70-тите години на минатиот век.

Инцидентот станал една од најголемите руски мистерии, инспирирајќи многу книги, документарци и филмови за трагедијата.

Се појавиле разни теории за смртта на планинарите - напад од чудовиште слично на Јети, експлозија предизвикана од тајно тестирање оружје, истрелување делови од ракета, па дури и непозната психолошка сила што ги натерала планинарите да се самоубијат.

studenti
Фото: Screenshot/YouTube

„Брутална сила“

Минатата година обвинителите заклучија дека групата загинала при лавина и утврдиле дека повеќето починале од хипотермија. Обвинителството соопшти дека деветте планинари од страв побегнале од шаторот и истрчале во снегот, немајќи време да се облечат.

Но, останале отворени и неодговорени многу прашања.

Некои од нив се: како можела да се случи лавина на толку мала падина; како можела да биде предизвикана лавината неколку часа по подигнувањето на шаторот; и зошто неколкумина од групата имале повреди што вообичаено не се гледаат кога некој е повреден во лавина.

Истражувачите создале аналитички модел за да го разгледаат спуштањето на лавината под услови на животната средина во кои планинарите го поставиле својот шатор.

Нивната анализа покажува дека планинарите можеби несвесно го поставиле кампот - засекувајќи го лежиштето на замрзнатата земја.

Во текот на ноќта, ветровите може да наталожиле повеќе снег во плочата над шаторот, а истражувачите проценуваат дека лавината може да се активирала помеѓу 9,5 и 13,5 часа откако планинарите го поставиле кампот.

Истражувањето користело симулации на повредите, земајќи предвид дека планинарите лежеле кога се случил инцидентот и откриле дека се поклопуваат со извештаите од обдукцијата.

Гауме вели дека истражувањето било највозбудливиот случај на кој работел.

- Се чувствувавме како детективи! - вели тој. Сепак, истакна дека истражувачите не тврдат дека ја решиле мистеријата.

- Мислам дека тоа е одлична приказна за храброста и пријателството во лицето на бруталната сила на природата - вели тој.



Извор: Themoscowtimes.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот