Одобрен е 20-годишен проект што на крајот треба да ги намали температурите за три степени.
Градските власти од Лос Анџелес имаат намера да ги ублажат ефектите од високите температури што ги предвидуваат за претстојното лето со премачкување на главните улици со светла боја што ќе ја одбива топлината. Производот, наречен „кул сил“, е емулзија за асфалт врз база на вода чија цел е да се намали температурата на површината и да се ублажи влијанието на топлите бранови.
Планот за намалување на температурата бил предложен на почетокот на минатата година, после најтоплото лето на глобално ниво. Градоначалникот на Лос Анџелес, Ерик Грацети, во соопштение изјави дека градот има цел да го заврши овој скап проект во текот на 20-годишен период. Трошокот за премачкување изнесува 40.000 долари за 1,6 километар.
Бидејќи се предвидува дека температурата ќе продолжи да расте поради глобалното затоплување, оваа мерка би можела да биде клучна за спречување на исцрпеноста на жителите поради екстремната топлина, топлотниот удар и на смртните случаи што се должат на топлината. Се очекува белиот слој да ја намали температурата до 3 степени. За овој концепт долго време се зборува, а Лос Анџелес сега почна да го реализира.
Експертите за екологија прашуваат дали емисиите на стакленички гасови произведени при производството и премачкувањето ќе ѝ направат поголема штета на животната средина.
Извештај од научниците од 13 американски федерални агенции укажува дека екстремните топлотни бранови во текот на последните четири децении станаа почести, а помалку има силни студени бранови, од 80-тите години на минатиот век.
Парискиот договор за климатски промени ги обврзува државите да направат напори за намалување на емисиите на стакленички гасови до 2050 година и намалување на температурите за 2 степена.
„Колку климата ќе се менува, зависи од идните емисии и од чувствителноста на
климатскиот систем на тие емисии“, се посочува во нацртот на извештајот од Националната процена за климата на ОН што се прави на секои 4 години.
Фото: Freepik