Препознаена е потребата за „транзиција“ од фосилните горива, но за многумина тоа не е доволно.
Победници
Нафтената и гасната индустрија
Потребата за „транзиција од фосилните горива“ конечно беше препознаена по тридецениски разговор за климатските промени. Но, не постои јасна обврска или некаков распоред за да се постигне тоа.
САД и Кина
САД ветија само 20 милиони долари нови финансии за сиромашните земји и остануваат најголемите производители на нафта. Кина може да продолжи со изградбата на електрани на јаглен.
Претседателот на конференцијата, султан Ал Џабер
И покрај жестоките критики, тој доби компромисен договор. Исто така, нема да ја загуби својата работа како главен извршен директор на најголемата нафтена компанија во ОАЕ, „Аднок“, која планира да го зголеми производството и покрај советите на научниците дека тоа ќе предизвика загревање на над 1,5 степен, што е над прединдустриските нивоа.
Компаниите за чиста енергија
Компаниите што произведуваат соларна енергија, енергија од ветер и друга чиста енергија, имаат придобивки со оглед на тоа што на Конференцијата беше ветено тројно зголемување на капацитетот за обновлива енергија во светот до 2030 година. Ова треба да го намали уделот на фосилните горива во светското производство на енергија.
Лобистите
Претставниците на индустријата беа присутни во рекорден број во Дубаи: 2.456 делегати од секторот за нафта и гас, 475 од индустријата за фаќање и складирање јаглерод, повеќе од 100 претставници од агробизнисот и многу повеќе од други места. Многумина среќни ќе го напуштат Дубаи.
Губитници
Климата
Најамбициозната цел на Парискиот договор за ограничување на глобалното загревање на 1,5 Целзиусов степен, всушност, беше уништена поради специфичности во договорот. И покрај најжешкото лето во последните 120.000 години, компаниите за нафта, гас, јаглен и земјоделството, кои ја загреваат планетата, можат да продолжат да го прошируваат производството во блиска иднина.
Малите островски држави
Алијансата на малите островски држави, која ги претставува сите земји што се најранливи на покачувањето на нивото на морето, рече дека договорот содржи дупки и претставува само постепена промена, која не е доволна за да се задржи загревањето под 1,5 Целзиусов степен.
Климатската правда
И покрај напредокот на Конференцијата во формирањето фонд за загуби и штети,, индустријализираните земји не плаќаат доволно за да им помогнат на сиромашните земји да се приспособат и да ги напуштат фосилните горива.
Идните генерации и другите видови
Најголемите жртви на климатската криза не се доволно застапени во процесите на носење одлуки. И покрај рекордната жештина во 2023 година, ова е веројатно една од најстудените години во животот на многу млади луѓе. Целта за нула глобално уништување на шумите до 2030 година беше поздравена од групите за заштита, но многу екосистеми ќе имаат штетни последици од зголемените температури.
Научниците
Експертите за клима го поздравија споменувањето на фосилните горива, но рекоа дека договорот не ги одразува итноста и јасноста што се рефлектираат во науката.
- Бледиот договор постигнат на Конференцијата за климатски промени ќе ја чини секоја земја, без разлика колку е богата или сиромашна, сите губат. Со секое празно ветување уште милиони луѓе ќе бидат во првите редови на климатските промени и многумина ќе умрат - изјави Фридерике Ото од Кралскиот колеџ во Лондон, кој е коосновач на групата „Ворлд ведр атрибјушн“.
Извор:
The Guardian
Фото: Freepik