Единаесетгодишниот Марко Арсовски е еден од ретките ученици кои мораат да одат во друга земја за да се школуваат. Тој е единствениот ученик во српското село Старац, кое спаѓа под општината Бујановац и се наоѓа на самата граница со Македонија, пишува српскиот портал
Новости.рс.
Од маалото каде живее Марко до најблиското училиште во српското село Кленике има 17 километри, па затоа нему му е полесно да се школува во соседната земја, односно во Македонија. Марко е ученик во петто одделение во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“ во селото Драгоманце во општина Старо Нагоричане.
-Наставата е на македонски јазик, но имам часови и на српски, како и уште неколку деца од српска националност. И покрај сите потешкотии, успевам да постигнам многу добар успех - вели Марко за Новости.рс.
Учењето не е проблем, туку секојдневното патување. Куќата во која живее ова мало момче се наоѓа покрај реката Пчиња, која ги разделува Србија и Македонија, но и маалото на Марко од остатокот од селото. До патот кој го води во училиштето се стасува преку не толку длабоката, но ладна планинска река.
-На лето не е толку страшно, иако Пчиња секогаш е ладна. Сите преминуваме преку реката и ги оставаме гумените чизми на брегот. Некои соседи имаат импровизирани штули на кои ја преминуваат водата. Но зимата, која овде трае долго, ни претставува потешкотија - вели таткото на Марко, Горан Арсовски.
Фото: Novosti
Тој додава дека цел живот ја преминува Пчиња за да заврши каква било работа надвор од домот. Алтернативен начин за преминување на реката е со трактор. Меѓутоа, кога реката ќе надојде, Марко мора да оди по околните козји патеки, кои му го продолжуваат патот за речиси два километра.
-Секое утро станувам најдоцна во шест часот, па ја преминувам реката или по патот одам до локалниот пат во Македонија. Таму ме чека комбе со кое стасувам на училиште. Понекогаш, кога брзам, тато ме пренесува преку Пчиња на грб - вели Марко.
Поради тоа што е единствениот ученик од овој крај, за Марко нема организиран превоз до најблиското српско училиште во селото Кленике, па тој е принуден секој ден да ја преминува границата. Вели дека цариниците и полицајците имаат разбирање за неговата ситуација и не му прават проблеми.
Поради комплицираната ситуација, брат му на Марко, Милош, кој има 15 години, морал да го напуштии училиштето. Најмладиот Арсовски, Дарко, има вроден инвалидитет, него го чува мајка му Илина.
Иако за многу нешта зависат од Македонија, од каде добиваат и електрична енергија, Горан наведува дека тамошните селани сепак се државјани на Србија и дека покрај сѐ не губат надеж дека ќе добијат помош од државата за да не се иселуваат. Некои од селаните не биле толку трпеливи и веќе се иселиле.
Горан објаснува дека селаните со децении чекаат да им се изгради мост кој би им го олеснил животот, но нештата не се поместуваат од мртва точка.
-Уште пред неколку години општината обезбеди материјал за мост, но велат дека сѐ уште се чека согласност од Македонија. Поради тоа се мачиме секогаш кога ги извршуваме најосновните работи како одење до Општина или кај лекар. Едноставно, кога нема луѓе, нема ни интерес да ни се помогне - вели
Арсовски.