Денеска повторно на состанок на Комисијата за заразни болести во присуство на претставници на Министерството за образование и наука беа разгледани и се дискутираше за Планот за одржување на наставата во училиштата во учебната 2020/2021 година подготвен од МОН, од аспект на безбедност на сите чинители во наставниот процес – учениците, наставниците, помошниот персонал, како и од аспект на спречување ширење на заразата со коронавирус во училиштата.
Од страна на Комисијата за заразни болести, информираат од Министерството за здравство, било побарано од МОН да достави податоци за сите училишта во сите општини во земјава и бројот на деца во сите паралелки поединечно, кои се клучни податоци за да се утврди каде евентуално би имало онлајн-настава, а дали и каде би било евентуално безбедно да се одвива настава и со физичко присуство.