X
 12.05.2022 Живот

Финска уште од 1993 година се подготвува за руска инвазија

Репортажа на британската ТВ-мрежа „Скај њуз“ пренесува детали за тоа како Финска се подготвува за руска инвазија уште од 1993 година. Во продолжение ви ја пренесуваме репортажата во целост.

- Во мирно, сончево утро пристигнуваме на паркиралиштето на базенот во предградието на Хелсинки. Всушност, тешко е да се заклучи дека тука има базен. Единствен знак на активност е големата стаклена покривка која наликува на скапа автобуска станица, со стаклени врати кои се отвораат и водат кон скалите.

Но, немојте да бидете измамени од скромниот почеток. Ова е уникатен базен. И ни кажува речиси сè што треба да знаеме за тоа зошто Финска е загрижена за руската инвазија.

За почеток, се наоѓа под земја. Со многу добра причина, ѕидовите изгледаат како да се врежани во карпа - 15-метарски гранитен блок над пливачите. Скриени зад мрежата на главниот влез, долу во подрумот, се наоѓаат огромни врати што не можат да се пробијат. Има софистициран систем за филтрирање на воздухот и вентили за притисок способни да се справат со огромни експлозии.

Не станува збор за обичен базен. За помалку од еден ден може да се изврши дренажа и местото да се претвори во засолниште кое може да смести речиси 4.000 луѓе.

Ова засолниште било изградено во 1993 година. Хелсинки има уште неколку такви места - центри за одмор, социјални установи, па дури и патеки за картинг, кои се изградени имајќи предвид некаква катастрофа.

Во Јапонија, Исланд или Калифорнија можеби заканата од природна катастрофа ја менува нивната архитектура. Финска точно знае која е заканата - не станува збор за земјотрес или вулкан, туку за руските војници кои ја преминуваат границата.

Финците имаат културна меморија за ова. Русија ги нападна за време на Зимската војна од 1939 до 1940 година, а потоа повторно во текот на Втората светска војна. Сеќавањата на тој конфликт се пренесени како предупредување дека на нивниот сосед не може да му се верува. Ако разговарате со Финците за Русија, Зимската војна ќе се појави низ разговорите.



Затоа Финците се подготвуваат со децении. Хелсинки, град со околу 650.000 жители, во своите засолништа може да смести околу 900.000 луѓе. Станбените блокови, канцелариите и хотелите мора да имаат такви засолништа. За тоа не се размислувало премногу со децении, но сега, првпат по толку долго време, изгледаат навистина релевантни.

„Ако се случи нешто невообичаено, нема да бидеме парализирани“


Томи Раск работи за Одделот за спасување на градот. Тој ги одржува и ги следи сите планови за тоа што треба да се направи ако се случи најлошото. Тој вели дека отсекогаш претпоставувал дека неговата работа може да им помогне на идните генерации, но сега и не е толку сигурен. Овие планови сега се прилично релевантни, повеќе од кој било момент во неговата 25-годишна кариера.

Тој се надева дека Финска нема да биде целосно парализирана доколку се случи нешто несекојдневно, односно дека функционирањето на општеството ќе се одржи барем на одредено ниво. Прилично бизарна идеја, додека пензионерите на неколку метри пливаат во базенот.

Сепак, Финска е нервозна. Финците и претходно беа претпазливи со Русија, а сега видоа што се случи со Украина и направија непријатни паралели. Не е ни чудо што Финска, по една деценија одбивање да потпише каков било воен сојуз, речиси сигурно ќе го започне процесот за влез во НАТО - истакнува „Скај њуз“.

Финскиот министер за надворешни работи Пека Хависто сфаќа зошто неговата нација е вознемирена.

- Финците се многу безбедносно ориентирани луѓе и кога ќе видат можни безбедносни закани, размислуваат за најлошото сценарио. Владата размислува за најлошите сценарија, расправата во Собранието е за најлошото сценарио. Се надеваме дека тоа никогаш нема да дојде. Луѓето не сакаат војна и сакаат војната меѓу Украина и Русија да заврши, но во исто време се подготвени да ја одбранат сопствената земја. Мислам дека токму ова е моменталното расположение во Финска - вели министерот.

Влез во НАТО


- Финска отсекогаш ја разгледувала опцијата за влез во НАТО доколку се промени безбедносната ситуација во Европа. Тоа е потег за кој веројатно сме подготвени сега - вели Хависто.

Новинарите на „Скај њуз“ ги обиколија продавниците за воена опрема „Варустелека“, каде што продажбата драстично порасна по руската инвазија на Украина. Некои купуваат вреќи за спиење и прибор за прва помош, други нарачуваат панцири и други воени материјали. Откако Финска ќе поднесе барање за влез во НАТО, тие очекуваат нов пораст на продажбата поради стравот од руските одмаздници.

- Се случија работи за кои луѓето мислеа дека никогаш нема да се случат. Русија е наш сосед и таа е во војна. Тоа е тешко да се прифати. И јас не сфаќам баш најдобро. Можеби и купувачите не сфаќаат, но сакаат да дејствуваат. Сакаат да направат нешто за да почувствуваат дека можат да ги спречат лошите работи - вели Елина Хаме, директорка за набавки на продавницата „Варустелека“.

Финска има воено искуство

На Финска не ѝ недостига воено искуство. Регрутирањето сè уште е животен факт за 18-годишниците овде, додека речиси милион луѓе се во резерва.

Членови на еден стрелачки клуб вежбаат на стрелиштето. Еден по еден пукаат од полуавтоматски пушки.

- Мислам дека треба да бидете подготвени за какви било евентуални можности и да преземете каква било акција што можете да ја направите за да се подготвите, да се обучите и да се организирате. Треба да имате резерви во вашиот дом, во случај да снема струја и вода неколку денови или недели, само за да можете да се грижите за себе и за вашето семејство - вели Макс Каар, кој е резервист и еден од организаторите на обуката за пукање. Тој додава дека регистрирале повеќе членови во изминатите шест недели отколку што би се очекувало да регрутираат за две години.

Ова е реторика на страв, но и на решителност и потсетува на она што го кажуваа луѓето во Киев, непосредно пред да биде нападната Украина. Истата вознемиреност помешана со националната гордост.

Реалноста е поинаква. Финска е членка на Европската Унија и наскоро ќе поднесе барање за членство во НАТО. Таа е заштитена на начин на кој Украина не беше. Шансите Русија да ја нападне Финска се мали.

Но, овде тие навистина се грижат, нешто што го прават со години наназад. Се надеваат на најдоброто, но решително се подготвуваат и за најлошото.


Извор: News.sky.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот