Во Зоолошката градина во Скопје се родија бебиња од загрозениот вид бели волци (canis lupus arctos). Малите волчиња се стари три недели, а белата боја на крзното, како на нивните родители, ќе ја добијат со текот на времето.
-Волчињата се заедно своите родители и тие се грижат за нив во нивното живеалиште. Мајката ги роди во дувло што сама го направи и таму сокриени го поминуваат поголемиот дел од денот. Во многу земји на Европската Унија овие волци се строго заштитени со Бернска конвенција - соопштија од Град Скопје.
Белите волци во Зоолошка градина во Скопје пристигнаа од Чешка во 2020 година.
Арктичкиот волк (Canis lupus arctos) е подвид на сивиот волк кој ги населува арктичките региони на Северна Америка и Гренланд. Познати се и како поларни волци или бели волци. Овој вид на волци спаѓа во загрозените видови поради климатските промени кои се случуваат на Арктикот. Нарушениот еко-систем во овие делови значително го намали бројот на овие животни во последните години.
Оваа пролет во Зоолошката градина во Скопје се случува вистински бејби-бум, односно се родија три лавчиња, белорак гибон, мала лама, бебиња кенгури, лемури, берберска овца, камила и најновите бебиња бели волци.
Фото: Горан Анастасовски