X
 10.06.2021 Живот

Има четири типа личности според начинот на спиење. Кој е вашиот?

Некои се ранобудници, а некои едвај чекаат да дојде викенд за да може да поспијат до подоцна. Според експертот за спиење Мајкл Џ. Брус, луѓето може да се поделат на четири типа според нивните навики за спиење.

Тој пишува за „Сајколоџи тудеј“ дека некои луѓе имаат генски предиспозиции да стануваат порано, а други подоцна. Врз основа на неговата претходна работа со луѓе што имаат проблеми со спиењето, Брус одредил четири хронотипа на личности: лав, мечка, волк и делфин.

Лав

Лавовите ловат рано наутро, а луѓето што се во оваа категорија се ранобудници. Тие се оптимисти, природно дисциплинирани, практични и насочени кон одредени цели. Генерално, тие немаат проблеми со спиењето и тешко е да се најде личност од овој хронотип што нема добра навика за спиење. Тие следат рутини и имаат умерени навики, а ова се одразува и врз нивното здравје.


Фото: Pixabay

Тие се со помал ризик за заболување од кардиоваскуларни болести, дебелина и ментални нарушувања, како депресија, анксиозност и слично. Лавовите се најпродуктивни наутро и попладне. 15-20% од населението се лавови.

Мечка

Мечките ловат во текот на целиот ден, а луѓето од овој хронотип имаат навики за спиење кои најмногу одговараат на движењето на сонцето. Тие се најфокусирани и продуктивни напладне, од доцна наутро до рано попладне. Мечките се тимски играчи што сакаат да се забавуваат. Тие спијат длабоко, но многу од нив не спијат доволно и често се непостојани во рутината за спиење.


Фото: Pixabay

Тие често спијат помалку во работната недела, а повеќе за време на викендот за да надоместат. Ова ги става во поголем ризик за зголемување на телесната тежина. Се проценува дека околу 50% од возрасното население се од овој хронотип, па затоа општеството функционира според нивните рутини и повеќето луѓе живеат според хронотипот на мечката кога станува збор за работното време, училишните часови и социјализацијата.

Волк

Волците ловат ноќе, па затоа личностите од овој хронотип ја претпочитаат ноќта. Ова се луѓето што не може да се извлечат од кревет пред 9 часот наутро и не се уморни пред полноќ. Тие се креативни, импулсивни и емоционално интензивни, а сакаат нови искуства и преземаат ризици. Тие се најпродуктивни навечер.


Фото: Pixabay

Бидејќи се ноќни птици, овие личности имаат тешкотии да живеат како што налага општеството кога станува збор за одење на работа или училиште. Волците често не спијат доволно, а тоа може да влијае врз нивното ментално и физичко здравје. Според истражувањата, овој хронотип има најголем ризик за заболување од хронични болести, како кардиоваскуларни болести и дијабетес, и депресија. Волците најдобро функционираат кога спијат седум часа. 15-20% од населението се волци.

Делфин

Овој хронотип се однесува на личностите што спијат само со половина мозок, а другата половина им е будна и активна. Тие спијат многу лесно, па затоа се хронично уморни во текот на денот, а имаат енергија навечер.


Фото: Pixabay

Овие личности често се будат додека спијат и често мислат на многу работи пред спиењето. За разлика од другите хронотипови, активноста на мозокот на овие личности се зголемува навечер, а растат и нивниот крвниот притисок и нивото на кортизол. Тие се многу интелигентни, внимателни, перфекционисти, но и анксиозни. Околу 10% од населението се делфини.

Автор: Мајкл Џ. Брус
Извор: Psychology Today
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот