Глампинг, познато и како луксузно или гламурозно кампување, претставува активен одмор што овозможува да уживате во природата поштедени од лошите страни на традиционалното кампување. Со оглед на тоа дека станува збор за погодности какви што постојат во хотелите со пет ѕвезди, со неприкосновен пристап до природата, глампингот претставува спој на луксузот и едноставноста.
Начинот на кој патуваме се промени. Луѓето повеќе не сакаат еднодимензионален одмор во кој ќе бидат статисти во природата, туку сакаат да станат едно со неа. Поради тоа, кампувањето станува сè повеќе популарно. Ова единствено искуство како комбинација од гламур и кампување, ви овозможува да изберете удобно сместување и неговата околина во која ќе можете да планирате или уживате на плажа, без потреба да ја жртвувате удобноста.
Зборот „глампинг“ првпат се појавил во Велика Британија во 2005 година, но во речникот влезе во 2016 година.
Повеќето места за глампинг подразбираат кревети, електрична енергија, бањи со тушеви, апарати за кафе и целосно опремена кујна. Иако и за време на глампинг можете да приготвувате оброк на оган, сметајте на тоа дека близу до вас ќе има ресторан што служи јадење од интернационална кујна.
Во време на масовен туризам, што прави штета на многу туристички дестинации и историски локалитети низ светот, сè повеќе луѓе прифаќаат еколошки концепт на патување олицетворен во глампинг.
Иако звучи како помодарство, глампингот постои стотици години
Иако овој впечатлив термин е нов, концептот за глампинг постои стотици години. Кога во 1520 година кралевите имале состанок на дипломатскиот самит познат како Поле на златната ткаенина, на северот на Франција биле поставени 2.800 шатори, од кои добар дел биле луксузни. Во нив се служело раскошни гозби и вина.
Традицијата за ваквите шатори била воспоставена на почетокот на 20. век, кога станале модерни меѓу богатите американски и европски патници во текот на одењето на сафари во Африка. Тие не сакале да се откажат од удобноста на својот дом, па вовеле престижни опции како кревети, приватни купатила и гурмански кујни.
Оние кои денес ќе се одлучат за глампинг, можат да очекуваат неверојатен поглед, да одморат во удобен кревет, да уживаат во спа-центри, да имаат личен батлер - сè во зависност од буџетот со кој располагаат.
Глампинг движењето сè повеќе расте и не покажува знаци за опаѓање. Низ планетата се нудат различни опции, од шатор до куќа на дрво. Со сите тие варијанти и можности, глампинг е тренд што одговара на сите видови на патници. Зошто треба да го земете предвид овој вид на одмор?
На прво место, глампинг е активност што ја чува природната средина. За разлика од изградбата на хотели, што трошат многу енергија за време на конструкцијата, сместувањето на глампингот претежно се потпира на елементи од природата. Соларни панели, самоодржливи градини се само некои од примерите. Во некои случаи, овие објекти се направени од рециклирачки материјал, но со оглед на нивниот дизајн и удобност, тоа никогаш не би го погодиле.
Второ, со глампингот ќе бидете најблиску до природата: наместо од станот да ја слушате градската врева, можете да се разбудите во вашиот шатор, кабина, караван или куќа на дрво.
За крај, глампингот овозможува максимална авантура. Планинарење, велосипедизам, рафтинг, пловење со кану, набљудување на животните, дегустирање вино се само некои од активностите што ви се на располагање.
Во светот на
глампингот важи: „Колку сместувањето е понеобично, толку е подобро“. Последните години се појави и варијанта за сместување во пештери, подморници, ледени хотели и реконструирани стари авиони, возови и автомобили.