X
 12.06.2020 Живот

Бесплатни билети за воз за сите граѓани на Белгија

Белгија им дава на сите граѓани 10 бесплатни билети за воз за да го стимулира домашниот туризам и да го забрза заздравувањето на економијата. Бесплатните билети може да се искористат од јули до крајот на годината за која било локација во земјата.

Мерката е дел од пакетот мерки за стимулирање на белгиската економија. Земјата најави и намалување на даноците во угостителскиот сектор и ваучери од 300 евра за трошење во ресторани и на културни настани, меѓу другото.


Фото: Pixabay

До 10 јуни Белгија потврдила речиси 60.000 заразени со коронавирус и 9.629 смртни случаи. Како и во поголемиот дел од Европа, мерките за контрола на коронавирусот многу влијаеле врз економијата во земјата. Европската комисија предвиде дека белгиската економија ќе се намали за 7,2% во 2020. Затоа, владата се труди да ја рестартира економијата со отстранување на мерките за ограничено движење.

Кафулињата, баровите и рестораните почнаа да се отвораат на 8 јуни, иако треба да се почитуваат одредени правила. Продавниците и бизнисите може да останат отворени до 1 по полноќ.


Фото: Pixabay

Слични иницијативи за помош на туризмот се претставени и од други земји, како Јапонија, која планира да покрива дел од трошоците на странските туристи. Швајцарија предложи доделување ваучери за трошење во областа на туризмот и угостителството. Во меѓувреме, Нов Зеланд размислува за воведување четиридневна работна недела, што би им овозможило на граѓаните да патуваат повеќе низ земјата.

Автор: Даглас Брум
Извор: weforum.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот