„Градските деца имаат една ’дијагноза‘, а тоа е недостиг на природа“, вели Јован Мемедовиќ, автор и водител на емисијата „Сосема природно“.
„А докажано е дека недостигот на природа предизвикува: недостиг на внимание за учење, децата немаат самостојност, немаат добра комуникација. Сето тоа предизвикува физички недостатоци, лошо држење на телото, рамни стапала, намален имунитет и склоност кон алергии. Децата што не одат во природа остануваат неактивни и со самото тоа немаат стимулации, немаат природно искуство и практично учење. Родителите го чувствуваат овој проблем и почнуваат да ги испраќаат децата на разни спортови, но тоа не е тоа - нив им е потребна природата. Ние сме биолошки суштества и кога сме во природа, се чувствуваме како свои“.
„Следниот пат вашето дете одведете го во паркот, а не во трговски центар. Враќањето на децата во природата мора да биде систематско, да се направи и низ институциите, но повторно сите ние треба да започнеме од себеси и од своите деца. Да не бидеме мрзеливи бидејќи ако успееме да го поврземе детето со природата, тоа да ги сфати своето место и одговорност, тогаш сме го извеле на вистинскиот пат“.
Екипата од емисијата „Сосема природно“ направила експеримент и се обидела да собере што е можно повеќе градски деца и без родители да ги однесе најпрво во селска средина, а потоа во целосна дивина.
„Планиравме тоа да трае три дена и веднаш имавме проблеми бидејќи родителите не сакаат да ги пуштат своите деца тукутака во дивина - се плашат, имаат стравови. Едноставно, општиот став на родителите е преголема заштита. „Не, ќе настине“, „Не, ќе се изгребе“ и слично.
На Мемедовиќ му се приклучуваат и д-р Ранко Рајовиќ и детскиот писател Урош Петровиќ.
Д-р Рајовиќ објаснува колку недостигот на природата штетно влијае врз децата.
„Децата од пет години имаат нарушување на моториката, рамни стапала се јавуваат кај 70% од децата, а честа е и забавена акомодација на окото. Кога сето тоа ќе се собере, имаме проблем во училиштето. Бидејќи кога детето ќе тргне на училиште, не може да чита подолго од десет минути бидејќи има нарушување на концентрацијата, не може да пишува како што треба, а овие проблеми подоцна многу потешко се решаваат. Затоа е важно детето во тие први години од животот, од седмата или осмата до дванаесеттата, да биде што почесто во контакт со природата“, вели Рајовиќ.
„Физичкиот и менталниот развој се тесно поврзани, едниот тешко оди без другиот. Познато е дека подобро се размислува кога се шета“, објаснува Урош Петровиќ.
„Сето тоа лесно се решава кога ќе ги однесете децата во природа. Таму можете да ги набљудувате, да ги насочувате, да реагирате. Внимавајќи на своите деца, родителите одат во крајности - промаја, инсекти, се плашат дури и дека ќе ги нападнат волците и мечките“, вели Мемедовиќ.
Поради тоа отуѓување, воопшто не било лесно да се пронајдат деца чии родители би ја прифатиле оваа авантура.
„Тоа се градски деца кои се љубопитни и сакаат да одат, да пробаат. Но имавме проблем кога ја правевме групата бидејќи некои деца не сакаа да дојдат, да спијат во шаторите. „Тука има бубачки!“, „Можеби ќе врне“, „Што ќе јадат?“. Денес ретко гледаме деца што одат боси, а овде во дивината по цел ден се боси“, раскажува Рајовиќ.
Мемедовиќ има јасна порака до родителите.
„Родители, тоа се ваши деца! Не затворајте ги, ништо нема да им се случи ако се во природа. Потребна им е целосна
слобода - не еден летен распуст и неколку дена, обидете се тоа да биде цела година. Недостигот на природа еден ден ќе стане неспособност и неможност тие деца да заработат. Утре државата ќе ни биде полна со вакви луѓе, а на тоа треба да внимаваме“, предупредува тој.