X
 12.07.2018 Живот

Руски вселенски брод стаса до Меѓународната вселенска станица за помалку од четири часа

Рускиот роботски вселенски товарен брод „Прогрес 70“ ја промени историјата откако пристигна во Меѓународната вселенска станица (ИСС) за рекордно време од помалку од четири часа. Со тоа беа срушени сите претходни рекорди. Такви вселенски патувања вообичаено траеја по два дена.

Рускиот вселенски брод бил полн со гориво и најмалку три тони храна и други резерви за екипажот на Експедицијата 56.

Вселенскиот брод полетал во 5:51 по локално време од космодромот „Бајконур“ во Казахстан, а во ИСС пристигнал во 9:31.

Бродот пристигнал осум минути порано од очекуваното. Според НАСА, ова патување, кое траело помалку од четири часа, ќе ја демонстрира забрзаната способност која може да биде искористена за идните руски лансирања на вселенски бродови со и без екипаж.

Не е тајна дека руските вселенски бродови се побрзи од другите што патувале во ИСС, но веста е прилично револуционерна бидејќи на повеќето вселенски бродови од овој калибар би им биле потребни 2-3 дена за да го поминат истиот пат до ИСС. Друг вселенски брод на „Спејс икс“ беше лансиран на 29 јуни и не стаса до вселенската станица до 2 јули.

Новиот рекорд дава надеж за вселенските агенции и астронаути кои мислат дека еден ден би можеле да организираат рутински патувања до ИСС за само неколку часа. Исто така, влева надеж дека ќе дојде ден кога космонаутите и астронаутите нема да мора да ги трпат типичните ограничени услови за да пристигнат во единствената орбитална лабораторија во светот.

Којзнае, можеби во иднина луѓето ќе можат да ја напуштат планетата по појадокот и да пристигнат во ИСС токму за ручек.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот