X
 20.09.2019 Наука

Меѓународните вселенски агенции ќе забијат вселенско летало во астероид

Дојде моментот. Ќе забиеме вселенски брод во астероид.

Астероидот е Дидимос Б, помалиот од двата објекта во бинарниот астероиден систем Дидимос. Вселенскиот брод е ДАРТ (Тест за пренасочување на дупли астероид - Double Asteroid Redirection Test) на НАСА. Причината - да се тестира дали влијание од вселенски брод може да ја промени траекторијата на астероидот како средство за заштита на Земјата од големи вселенски карпи.

Проектот на Европската вселенска агенција (ЕСА) и НАСА беше најавен во 2015 година, но неодамнешните изненадувачки резултати од подоцнежни мисии на астероиди може да донесат импликации за тестот.

На пример, кога „Хајабуса 2“ на Јапонскиот центар за вселенски истражувања го бомбардира астероидот Риугу во април годинава, акцијата создаде многу поголем кратер отколку што се очекуваше. Дополнително, материјалот на површината на астероидот се однесува како песок и тоа може да влијае врз ефикасноста на скршнувањето предизвикано од кинетичкото влијание.

- Влијанието со „Хајабуса 2“ покажа дека немаше кохезија на површината и реголитот се однесуваше како чист песок. Во процесот доминираше гравитацијата наместо внатрешната сила на материјалот од кој е направен астероидот. Ако гравитацијата исто така е доминантна на Дидимос Б, иако тој е многу помал, би можеле да добиеме многу поголем кратер отколку што покажуваат нашите модели и лабораториски експерименти. На крајот, многу малку се знае за однесувањето на овие мали тела при влијанија и ова може да има големи последици врз планетарната одбрана - објасни планетарниот научник Патрик Мишел.

Астрономот Ијан Карнели од ЕСА истакна дека денес тие се првите луѓе во историјата што имаат технологија која потенцијално може да одбие астероид да не удри во Земјата.

- Клучното прашање што треба да се одговори е дали технологиите и моделите кои ги имаме се доволно добри за да функционираат? Пред да возите автомобил, треба да имате осигурителна полиса. Па ова е осигурителната полиса за планетата Земја - рече тој.

Фото: Science Alert

Системот Дидимос е совршен за изведување тестови. Тоа е објект во близина на Земјата, кој не е на пат да се судри со нашата планета, што значи дека не би требало тестирањата да резултираат со несакани ефекти, односно тој не претставува закана за Земјата.

Во овој бинарен астероиден систем, Дидимос А е широк околу 780 метри и е поголем, додека Дидимос Б е широк 160 метри и некогаш го нарекуваат Дидимун затоа што орбитира околу поголемиот астероид на секои 11,92 часа.

Кога ДАРТ ќе удри во Дидимос Б со брзина од 23.760 километри на час, тоа само малку ќе ја промени брзината на астероидот. Кај единечен астероид можеби и нема да можеме воопшто да го детектираме ова, но кај системот Дидимос влијанието се очекува малку да го промени орбиталниот период. Наместо за 11,92 часа, на Дидимос Б може да му бидат потребни уште неколку минути за да го обиколи Дидимос А.

Тоа можеби не звучи како нешто големо, но ако во иднина навреме можеме да пресретнеме астероид кој оди накај Земјата, таа мала промена на брзината може да направи голема разлика.

ДАРТ ќе биде лансиран во јули 2021 година, а ударот ќе се случи во септември 2022 година. Од процесот ќе бидат направени фотографии и телескопи базирани на Земјата потоа ќе го набљудуваат астероидот за да видат дали има промени.

Вториот дел од мисијата е за „Хера“ на ЕСА. Овој мал набљудувачки вселенски брод ќе биде лансиран во 2023 година и на Дидимос Б ќе слета во 2027 година за да набљудува. Поради тоа што не можеме јасно да го видиме астероидниот систем од Земјата, „Хера“ ќе може да ни ги каже деталите.

Сѐ на сѐ, нѐ очекуваат интересни вселенски настани.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука