Во Лос Анџелес, Калифорнија, на 22 септември ќе се отвори Музејот на наративна уметност „Лукас“. Тоа е културна институција вредна милијарда долари посветена на уметноста на визуелното раскажување, а која ја основаа режисерот Џорџ Лукас (Војна на ѕвездите) и неговата сопруга и партнерка Мелоди Хобсон.
Музејот се протега на 28 илјади квадратни метри во футуристичка зграда дизајнирана од кинескиот архитект Ма Јансонг од студиото „МАД аркитектс“. Зградата има заоблена и издолжена форма која често се споредува со изгледот на вселенски брод што слетал во парк.
Петкатницата се издигнува над земјата и е проектирана со покриени пешачки премини под самиот објект. На покривот се наоѓа бујна градина која совршено се вклопува во околината. Оваа зграда е сместена во средината на зелен кампус исполнет со уредени градини и дрвја.
Музејот на наративна уметност „Лукас“ опфаќа огромен изложбен простор, околу 35 галерии, библиотека, две врвни киносали, наменски простории за учење, јадење и разни настани.
Главната цел на овој музеј е да го истражи влијанието на сликите – од праисториските пештерски цртежи до дигиталните медиуми врз нашиот живот и колективното сеќавање. Токму затоа, овде ќе можат да се разгледаат различни фотографии, стрипови, илустрации, филмски реквизити и разни други предмети од поп-културата.
Извор: punkufer
Фото: принтскрин/јутјуб