На 162 седница на Универзитетскиот сенат на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, со еден воздржан глас усвоен е Статутот на УКЛО.
Постапка за нов Статут на УКЛО, усогласен со Законот за високото образование, е спроведена низ утврдена процедура. Зголемената динамика на органите и телата на УКЛО се остваруваше низ изготвена агенда и утврден тајминг на активности. По утврдување на Нацрт – Статутот, спроведена е јавна расправа на единиците на УКЛО и можност да изнесат свои предлози и мислења. По ова, Комисијата за нормативна дејност го прифати Предлог-Статут на УКЛО, што е утврден од Ректорската управа и усвоен од Сенатот на 10.7.2018 година.
По усвојувањето, Статутот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола во предвидениот рок се доставува до Собранието на Република Македонија кое со Одлука дава согласност на Статутот.
Ректорот, проф.д-р Сашо Коруновски истакнува дека усвојувањето на Статутот е особено важно за УКЛО, зашто го дефинира работењето на Универзитетот во сите негови домени и целосно е сообразен со новиот Закон за високото образование. Ректорот им се заблагодари на сите учесници за конструктивната расправа, предлозите и решенијата што произлегуваат од академската заедница на УКЛО, со што се обезбедува вистинска рамка за функционирање на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и се отвораат перспективи за неговиот понатамошен развој.