Во низата општествено корисни акции кои ги организираат студентите на УКЛО се вбројуваат и најновите предновогодишни хуманитарни активности.
Факултетските студентски собранија од единиците на УКЛО, покрај своите млади колеги и професорите од академската средина на која ѝ припаѓаат, реализираа активности во кои ја вклучија и пошироката јавност.
Меѓу првите, студентите од Техничкиот факултет - Битола дејствуваа под слоганот „Хуманоста на студентите“.
Факултетското студентско собрание на Техничкиот факултет - Битола организира серија хуманитарни настани кои се заокружија со донација во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ - Битола. Имено, средствата собрани од хуманитарниот базар на кој беа изложени лампиони, кои претходно беа изработени на еднодневната 3D ТЕХ работилница со учество на средношколци од Техничкото училиште „Ѓорѓи Наумов“, донирани се во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ - Битола.
Од Факултетското студентско собрание на Техничкиот факултет - Битола велат дека покрај на учениците кои учат во посебните паралелки, донацијата ќе им користи и на ученици од сите основни училишта што ползуваат дефектолошко-логопедски вежби и вежби за сензорна интеграција.
Исто така во пресрет на празниците, на последниот настан што го одржаа студентите од Техничкиот факултет, Предновогодишна студентска забава, собраните средства се искористија за пакетчиња за учениците од ова училиште.
Антонио Цветковски, член на ФСС ТФБ : Од страна на учениците бевме пречекани со срдечно добре дојде, кратка приредба и мал подарок, изработен од вредните раце на дечињата, кои со силна прегратка ни ја врачија честитката.
Никола Гачевски, претседател на ФСС ТФБ: Ние, студентите од Технички факултет, цела измината недела имавме серија од три настани 3D ТЕХ, Божиќен базар од каде што собраните средства решивме да ги донираме во просторијата за психомоторна доедукација и предновогодишна забава за студентите. Сметам дека тоа ни беше вистинска одлука затоа што потребно е да се поттикнува свеста кај младите за почитување на различностите. Анастасија Велјановска, член на ФСС ТФБ: Во пресрет на новогодишните празници, кај секој е убаво да пронајдеме мала насмевка, особено ми беше мило кога ја забележав насмевката кај дечињата од ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола.
Под мотото „Мали сме, но со големи срца“, студентите од Ветеринарниот факултет - Битола реализираа хуманитарна акција во просториите на факултетот. Студентите од оваа единица на УКЛО преку своето Факултетско студентско собрание за Факултети мк. информираа: „Секој студент, професор, но и надворешно лице можеше да донира новогодишно пакетче за дечињата со попреченост, како дел од Заводот за рехабилитација за деца со оштетен слух, говор, глас и други попречености - „Кочо Рацин“ во Битола. Откако по една недела се собра една симболична бројка на новогодишни пакетчина под нашата елка, ние како студенти и неколку професори со полни срца и полни раце имавме чест да отидеме кај дечињата и на секое да му измамиме насмевка на лицето подарувајќи му едно новогодишно пакетче и посакувајќи му здравје и среќа во новата година.
Вистинската ангажираност и посветеното време на другите, на оние на кои поддршка во ова претпразнично време им е најпотребна, им дадоа посебност на многубројните хуманитарни активности кои ги реализираа студентите од УКЛО и нивниот студентски активизам заслужено го носи епитетот на една топла човечност, истакнува проректорката за студентски работи на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска, која е горда на студентите од УКЛО и нивните активности.
И ФСС при Факултетот за туризам и угостителство - Охрид ја покажа својата поддршка за најранливите и традиционално ја продолжи добрата практика на Факултетот да се вклучува и во воннаставни активности кои се важни за заедницата. Од ФСС ФТУ велат: - И оваа година ја реализиравме хуманитарната акција „Со љубов, ФСС“ донација на новогодишни пакетчиња на дечиња со посебни потреби. Оваа година дониравме 24 пакетчиња во здружението „Тајните на моето срце“.
Студентите од Факултетот за безбедност – Скопје преку своето факултетско студентско собрание организираа предновогодишна хуманитарна акција со цел собирање парични средства кои ќе бидат пренасочени во домот за деца без родители ЈУ Детски дом „11 Октомври“ – Скопје, со што и тие на конкретен начин со целни активности потврдуваат дека студентите се меѓу предводниците за солидарност, поддршка и хуманост.
Правната клиника на Правниот факултет при УКЛО секоја година ја организира традиционалната хуманитарна акција. Акцијата секоја година е насочена кон различни ранливи категории, а крајната цел е сите да ги почувствуваат убавите мигови и радост од новогодишно пакетче. Оваа година хуманитарна акција има цел подобрување на условите на детското одделение во Клиничката болница во Битола, бидејќи здравјето на децата е без исклучок на врвот на приоритетите на секој од нас, нагласуваат од Правната клиника на Правниот факултет.
Факултетското студентско собрание на Економски факултет - Прилеп традиционално и годинава организира хуманитарна акција во периодот од 15 до 25 декември. Самата акција се изведуваше во маркетите кои ни отстапија простор за поставување картони означени со нашите постери, во кои купувачите можеа да донираат основни продукти и средства кои на крајот од акцијата нашиот тим ги собра и ги распредели во одделни картони и пакети. Како такви, ги носиме во домовите на социјално загрозени семејства, со цел да им понудиме една минимална помош во периодот на новогодишните и божиќните празници.
Мило ни е што трета година по ред успешно ја спроведуваме акцијата и што ја поттикнуваме и развиваме хуманоста кај граѓаните. Се надеваме на поголем број собрани производи од година на година, со што и повеќе насмевки и поголема благодарност кај фамилиите, велат од ФСС од Економскиот факултет – Прилеп.
Студентите активисти од УКЛО сметаат дека вклучувањето во вакви акции е сосема природно. Тие како млади луѓе сакаат и со личен пример да ја сензибилизираат јавноста и граѓанството воопшто дека квалитетот на заедничкиот живот е поврзан со животот на другите. Студентите сакаат заедница со човечки својства, општество во кое се живее подобро, подостоинствено, со грижа кон најранливите.
Претседателот на студентите на УКЛО, Душан Стевановски, оценува дека студентите покажуваат едно нужно добро и ангажирано однесување кое ѝ доликува на оваа млада заедница и сите овие акции се барометар, општествен показател за студентската освестеност за сопственото социјално милје.
Инаку, УСС-УКЛО одржа ХУМАНИТАРНА СТУДЕНТСКА ЗАБАВА на 15.12.2022 година во Студентскиот дом „Кочо Рацин“ – Битола. Темата на забавата беше во стилот на The Great Gatsby и Peaky Blinders. УСС УКЛО објави дека средствата ги донира на Асоцијацијата за цистична фиброза во Република Северна Македонија, и дека, со ова, на симболичен начин студентите ја искажуваат поддршката за воведување нов третман во нивното лекување и остварување реална инклузија во
општеството.
За доброто и ангажирано однесување раководството на Универзитетот упати срдечни честитки до студентите кои во ова претпразнично време помислија и на другите, дека дел од своето време посветија на грижа и солидарност, со што покажуваат дека покрај едукацијата на единиците на УКЛО, ја научиле и најважната и најсуштествена лекција - да бидат добри луѓе.
(Комерцијална објава)