X
 12.07.2020 Живот

Парите сега купуваат повеќе среќа од порано

Многу фактори ја одредуваат среќата, но еден со години предизвикува контроверзии - парите.

Иако старата поговорка вели дека среќата со пари не се купува, неколку студии утврдиле дека колку повеќе се зголемува вашиот приход, толку сте посреќни, сè до 75 илјади долари годишно. Откако ќе се достигне тој праг, приходот веќе не прави разлика.

Но, нова анализа на повеќе од 40.000 возрасни Американци на возраст од 30 и повеќе години посочува дека има подлабока врска меѓу парите и среќата.

Поради тоа што податоците од истражувањето се од пет децении, од 1972 до 2016 година, истражувачите можеле да согледаат како врската меѓу парите и среќата се менувала со текот на времето. Тогаш станува интересно - денес парите и среќата се уште посилно поврзани отколку што биле во минатото. Изгледа дека парите купуваат повеќе среќа од порано.

Како се случило ова?

Фрапантна поделба на класите

Истражувачите решиле да ги разгледаат трендовите на среќа преку приходите и образованието. Меѓу белците Американци во 70-тите години возрасните со и без диплома од колеџ имале иста веројатност да кажат дека се многу среќни - околу 40 отсто.

Но, до првата деценија на 21 век имало јаз во среќата поврзан со образованието - само 29% од оние без диплома рекле дека се многу среќни, во споредба со 40% од оние со диплома. Истото се случило и со приходите. Разликата во среќата поради приходите многу пораснала од 70-тите до првата деценија на 21 век.


Нивото на среќата опаѓа за белците без диплома од колеџ
Фото: Science Alert

Среќата на Афроамериканците во Америка со повисок степен на образование и поголеми приходи се зголемила во тој период, додека среќата на оние со понизок степен на образование останала иста. Така, мал јаз во среќата според нивото на приходи во 70-тите станал поголем јаз во првата деценија на 21 век за Афроамериканците.

Помалку не е повеќе

Веројатно има многу причини за овие трендови. Како прво, нееднаквоста е поголема - богатите станаа побогати, а сиромашните посиромашни. Денес просечен извршен директор на компанија заработува 271 пат поголема плата од обичен работник, што е за 30 пати повеќе од 1978 година. Иако некогаш беше возможно да се купи куќа и да се издржува фамилија со средно школо, тоа сега стана многу потешко.

Стапките на стапување во брак исто така објаснуваат дел од трендот. Во 70-тите тие речиси и не се разликувале по класи, но сега тие со поголеми приходи и повисоко образование имаат поголема веројатност да стапат во брак од другите.

Парите и здравјето

Во 2015 година во еден труд беше наведено дека стапката на смртност кај белците во Америка без диплома од колеџ се зголемува. Голем број од овие смртни случаи биле „смртни случаи од очај“, како што ги нарекле истражувачите, вклучувајќи ги тука предозирањата и самоубиствата.

Класната поделба во благосостојбата стана уште поголема за време на пандемијата на Ковид-19 бидејќи имаше поголема е веројатноста Американците со помали приходи да ги загубат работните места. Сите тие докази посочуваат дека класната поделба и во однос на физичкото и во однос на менталното здравје е голема и сè повеќе расте во САД.

Политичарите почнуваат да го согледуваат ова, па поголем дел од нив ја поддржуваат идејата за универзален основен приход, со кој сите граѓани ќе добиваат одредена сума пари од државата секој месец.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот