15 годишниот Мохамед Али од Велика Британија кој создал компјутерска игра кога имал само 12 години, сега заработува милиони, а како што вели, целта му е да ја искорени сиромаштијата во светот.
Програмирањето на компјутерски игри го научил преку онлајн курсевите на интернет, преку читање книги и собирање информации од специјализирани страни. Тој ја создал играта „Project 2006“ која привлекла преку 3.000 членови за само месец дена, а за да играат мораат да платат 6 фунти месечно.
Мохамед вели дека и сам бил доста изненаден со успехот кој го реализирал со оваа игра.
„Бев шокиран од повратните информации. Имав повеќе од 100.000 прегледи и преку 3.000 членови кои беа регистрирани и тоа само еден месец после објавувањето“, вели Али.
Тој формирал и своја веб страна која има за цел да ги советува луѓето како да водат бизнис, а играта која ја направил и понатаму му носи големи приходи. Тој истакнува дека не троши многу пари, а еден дел од парите ги донира на голем број организации кои се борат против сиромаштијата и гладот во светот.
„Мојата инспирација е Бил Гејтс, и не само затоа што заработил многу пари со „Microsoft“, туку и затоа што парите ги дели со оние на кои им се потребни. Тоа сакам да го направам и јас, и целосно да исчезне сиромаштијата“, вели ова 15 годишно момче.