Загадувањето со бучава има огромно влијание врз здравјето, а ново истражување покажува дека светот значително се стишил за време на пандемијата на Ковид-19.
Без разлика дали го сфаќаме тоа или не, светот вообичаено е едно многу гласно место. Загадувањето со бучава е страшно за нашето здравје, но за тоа не разговараме доволно често, тврдат лекарите кои го истакнуваат влијанието на бучавата врз нашето здравје, како и психичката состојба. Освен тоа, бучавата влијае и врз нашата способност за учење.
Нивото на урбана бучава во САД се зголемило за 12 отсто во периодот меѓу 1995 и 2006 година, а проблемот е толку голем што 40 отсто од испитаните Американци рекле дека сакаат да се преселат на потивко место.
Врската меѓу бучавата и општото здравје
Жителите на градовите се навикнаа на ниво на бучава кое редовно е над 85 децибели. Неколку години живот со такво ниво на бучава може да резултира и со оштетување на слухот кое, според експертите, е неповратно. Освен пречките во слухот, вишокот бучава има и други штетни ефекти врз нашето здравје.
Зголеменото ниво на бучава предизвикува раст на нивото на глукокортикоидни ензими во нашето тело за дури 40 отсто, што доведува до зголемен замор и стрес.
Истражувањата покажуваат дека бучавата на работното место придонесува за исцрпеност, зголемен крвен притисок и негативни ставови.
Во еден извештај на Светската здравствена организација (СЗО) се напоменува дека зголемената бучава придонесува за проблеми со учењето и разбирање на прочитаното, помнењето и вниманието. Изложеноста на високо ниво на бучава во текот на клучните години во детството има негативно влијание врз образованието.
Како карантинот го стиша светот за 30 отсто
Два најголеми извора на бучава во околината се превозот и индустриските активности. Автомобилите ја зголемија таа бучава на универзално, неизбежно ниво. Индустриските подрачја се уште полоши.
Индустриската бучава се движи од 80 до 109 децибели. Полициските сирени доаѓаат на 120 децибели, а тоа се само некои примери на градска бучава.
Покрај многубројните социјални и економски проблеми со кои се соочи светот поради пандемијата, се појавија и светли точки, па нивото на загаденост во Италија, Шпанија и во САД се намали за дури 30 отсто по карантинот.
- Мерките за физичка дистанца поради Ковид-19 се поврзани со приближно три децибели намалување на личната изложеност на звуци од опкружувањето - тоа претставува значително намалување на оваа штетна изложеност - заклучуваат истражувачите од Универзитетот во Мичиген.
Студијата била започната кон крајот на 2019 година, па случајно тимот го забележал и нивото на изложеност на звук пред карантинот, како и потоа.
- Зголемената изложеност на звук ги уништува екосистемите и остава пустош во нашиот нервен систем. Ако ништо друго, мораме да научиме од тие мали победи дека во секое негативно случување постои и нешто позитивно - заклучуваат истражувачите.
Извор:
Nedeljnik
Насловна фотографија: Pixabay