X
 15.05.2020 Технологија

Една четвртина од најгледаните видеа за коронавирусот содржат погрешни информации

Истражување што ги анализирало најгледаните видеа на „Јутјуб“ за коронавирусот открило дека една четвртина од нив, кои имаат вкупно 60 милиони прегледи, имаат погрешни информации за вирусот. Истражувањето било спроведено од група канадски истражувачи.

- Нашите откритија се загрижувачки бидејќи го покажуваат големиот досег на погрешните информации, што има голем потенцијал да направи штета. Оваа штета вклучува деструктивно однесување кое го поткопува успешното заедничко менаџирање на оваа пандемија - изјавила Хајди Ли, главен автор на истражувањето.


Фото: Pixabay

Истражувачите ги собрале најпопуларните видеа на темата на „Јутјуб“, но направиле анализа само на оние што се на англиски јазик и се долги до еден час. На крајот добиле 69 видеа кои имале вкупно 250 милиони прегледи. Овие видеа потоа биле групирани во категории, како професионални, забавни, официјални, образовни итн. Потоа нивната содржина била оценувана врз основа на фактите што биле искористени во нив.

Според истражувањето, 27,5% од анализираните видеа имале погрешни информации кои не се засновале на факти. Најлоши биле видеата од категориите забавни, интернет-вести и вести за потрошувачи. Ниту едно професионално или официјално видео објавено од владата не содржело погрешни информации.


Фото: Pixabay

Според истражувачите, видеата што имале погрешни информации содржеле изјави кои се поврзуваат со теории на заговор, информации кои не се засновани на факти, несоодветни совети кои не одговараат на оние што се препорачуваат од властите и здравствените организации, како и изјави на дискриминација.

Според Ли, ова ја покажува потребата за „Јутјуб“ да го промени алгоритамот за да препорачува повеќе содржини засновани на факти, но улога играат и јавните здравствени агенции. Тие би можеле да соработуваат со компаниите за да создаваат позабавни содржини користејќи точни информации.

- Во идеален свет, социјалните мрежи треба да преземат поголема одговорност за прикачената содржина. Но ова е нереално очекување со оглед на тоа што милијарди корисници прикачуваат информации секоја секунда низ светот - вели Ли.

Автор: Џордан Пирсон
Извор: vice.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија