Туширањето е едноставно, зарем не? Но, сепак, се чини дека многумина прават незабележливи грешки при туширањето кои се штетни за кожата. Две докторки говореа за најчестите лоши навики при туширањето за „Хафингтон пост“. Што советуваат тие?
Долго и топло туширање
Секако, ова може да биде одличен начин за опуштање, но не е добро за вашата кожа. Д-р Хедер Вулери-Лојд посочува на проблемите што настануваат поради долгото туширање: сушење на кожата и чешање се дел од нив. Таа препорачува кратко туширање со млака до топла вода.
Гелови за туширање со многу пена
Колку повеќе меури и пена има гелот за туширање, толку повеќе вашата кожа останува без потребните масла. Хемикалиите во сапуните и геловите што создаваат голема пена ги отстрануваат природните масла од кожата. Ова може да ја направи кожата груба и сува.
Недоволно плакнење на пената од телото
Дерматолозите предупредуваат за лошите последици од оваа честа навика. Недоволното плакнење од пената може да предизвика сувост, но и иритираност. Меѓутоа, ова зависи од сапунот што се користи. Понежните сапуни и гелови не се опасни.
Нанесување маска за лице по туширање
Многумина го практикуваат ова, но д-р Вулери-Лојд предупредува дека маските треба да бидат нанесени пред миење на лицето. Миењето пред и по маската може да ја исуши секоја кожа и да предизвика иритираност.
Бришење со триење
Обично се бришеме со брзи движења, триејќи ја кожата. Ова е погрешен пристап. Дерматолозите велат дека сушењето е еднакво битно како и бањањето. За да не се влоши состојбата на сувата кожа, бришете ја со нежно движење.