Самодовербата е она што на децата им дава храброст да го истражуваат светот, да прифатат нови непознати предизвици и притоа да веруваат во самите себе и својата сила.
Кои се грешките на родителите со кои се нарушува или пак храни премногу самодовербата на детето?
Критикување на детето
Кога ги критикуваме децата, многу лесно а ненамерно, тоа го правиме на тој начин што ги критикуваме и нив како личности. Кога ќе им кажеме дека сме се разочарале во нив, ја нарушуваме нивната самодоверба, а со тоа и нивната волја за соочување со нови предизвици. На тој начин ја поврзуваме нивната личност со неуспех, а тоа воопшто не е добра основа.
Фото: Pixabay
Премногу фалење
Наспроти критикувањето, постои и друга крајност: премногу фалење. Важно е да се знае кога да се користи. Пофалете одредени и конкретни постапки кај детето и пофалете го нивниот труд наместо вообичаените реченици со кои се фали неговата личност.
Контролирање на животот на детето
Дозволете им да ги пронајдат своите интереси и потоа во тоа бескрајно поддржувајте ги.
Кога правиме се наместо детето
Иако возрасните можат многу работи подобро да завршат и побрзо, не е секогаш поентата во брзината и квалитетот. Оставете ги децата дури и д апогрешат и дајте им прилика да развиваат независност, да учат да ги решаваат проблемите и да размислуваат со своја глава.
Стремење кон совршенство
Поставувањето на високи очекувања може да има сосема спротивно дејство на детето од посакуваното. Децата можат да бидат под стрес за да не ги разочараат родителите, а таквата состојба не е погодна за развој.
Занемарување на комуникацијата
Активното слушање на она што го зборуваат без прекинување им помага на децата да сфатат дека се важни тие и нивните желби, чувства, потреби и мислења.
Споредби со други деца
Ова е сигурно една од најлошите грешки во нарушување на самодовербата кај децата. Споредувањето детето често го доживува како порака дека не е доволно добро. Ниеден човек не е еднаков на друг, па затоа споредувањето не може да донесе ништо добро.
Изразување на сопствениот недостаток од самодоверба
Добар начин за поттикнување развој на самодовербата на детето е да му покажеме добар пример кај себе. Затоа зборувајте позитивно за себеси и бидете модел кој ќе го научи детето на сочувство, љубезност и самодоверба.