X
 12.08.2018 Економија

Најголемите финансиски скандали на сите времиња

Скандалите не се непознати за бизнис светот, со бројни „експерти“ кои се подготвени да се збогатат на сметка на другите луѓе.

Сметководители, раководни лица, адвокати... Некои починале во затвор, а други се сосема добро, откако успеале да го реализираат криминалниот план што им донел милијарди долари.

Ова се најголемите финансиски скандали на сите времиња.

Чарлс Понзи

Името Понзи станало „заштитен знак“ за специфичен вид на измами што подразбираат привлекување на нови инвеститори, за да го платат профитот на веќе постоечките инвеститори на одреден проект. Чарлс Понзи, италијански имигрант, барал од луѓето да инвестираат во неговиот бизнис, ветувајќи им 50 отсто од профитот за 45 дена, па уште во 1919 година станал татко на класичната пирамида-шема.

Во 1919 година Понзи го воочил недостатокот во системот на меѓународни поштенски купони, што го искористил за да направи пирамида-шема што на инвеститорите му ветувала добивка од 50 отсто од вложувањето. Некое време ги исплaтувал ветените пари со камата, што привлекувало нови инвеститори, но „пирамидата“ после извесно време се срушила, бидејќи парите што ги добивал од новите инвеститори ги трошел за исплатување на каматите на старите инвеститори и за себеси.

Шемата на Понзи започнала да се разоткрива во август 1920 година кога „Бостон Пост“, започнал истрага за неговиот бизнис. Настанала вистинска збрка од измамените инвеститори кои се обиделе да ги извлечат вложените пари. Понзи бил уапсен во август 1920 година. Должел милион долари и признал дека е виновен. Бил осуден на 5 години затвор. Во 1949 година овој измамник починал сиромашен во Рио де Жанеиро.

„Енрон“


Енергетската компанија „Енрон“, со седиште во Тексас, станала класичен пример за неверојатен пад после вртоглав успех. Оваа фирма во 90-тите, во списанието „Форчн“ била рангирана како најиновативна во корпоративна Америка во период од шест години.

Но во ноември 2001 година, акциите на компанијата паднале на помалку од еден долар, набрзо откако извршниот директор Кенет Лаи бил уапсен, поради прикривање на долгот на компанијата што изнесувал неколку милијарди долари. Наредната година, компанијата „Енрон“ банкротирала. Лаи бил прогласен за виновен во 2006 година по шест точки за измама и завера и четири точки за банкарска измама. Починал од срцев удар истата година, чекајќи го изрекувањето на казната.

„Ворлдком“


Само година дена после скандалот со „Енрон“, била тужена втората најголема американска телекомуникациска компанија „Ворлдком“. Иако оваа компанија брзо растела, излегло дека извршниот директор Бернард Еберс и други топ менаџери се служеле со книговодствени измами за да ги измамат инвеститорите.

Измамата со книговодствените книги ја зголемило вредноста на компанијата за околу 11 милијарди долари, со 3.8 милијарди американски долари на лажни сметки. Поранешниот извршен директор бил осуден на 25 години затвор. Еберс започнал со отслужување на казната во 2006 година во Федералната поправна установа Оукдејл во Луизијана.

Бернард Мадоф


Поранешниот претседател на „НАСДАК“ берзата ја извршил најголемата „Понзи“ измама на сите времиња. Бернард Берни Мадоф ги измамил инвеститорите за околу 64.8 милијарди долари, така што исплаќал висока месечна камата на клиентите со нови инвестиции во неговата компанија, користејќи ги парите од другите клиенти. Бил осуден на 150 години затвор и се наоѓа во Федералниот затвор Батнер во Северна Каролина.

„Лиман брадрс“


Пропаѓањето на инвестициската банка „Лиман брадрс“ стана симбол за финансиска криза во 2008 година. Банката во голема мера била вклучена во обезбедување на хипотекарни кредити, а пропаднала после ризичен бизнис со недвижнини на американскиот пазар, започнувајќи глобална кредитна криза. Во 2008 година банката поднела барање за стечај, наведувајќи износ од 639 милијарди долари во имот и 619 милијарди долари долг.

Банкротот на американската банка е наречен најголем и најсложен во историјата, кој предизвикал сериозни последици врз глобалната економија.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија