Деталното пребројување на одработените часови и минути, обидот да се проширува работната недела, настојувањето бројот на денови од годишниот одмор да се намали што е можно повеќе - ова се одлики на голем дел од нашите работодавци, иако тешко е да се добие одговор што точно постигнуваат со ваквиот пристап.
Според официјалните податоци, инсистирањето на голем број одработени неделни часови е карактеристика на помалку успешни економии и застарено менаџирање.
Според официјалните податоци, најголем број работни часа во неделата одработува Црна Гора, држава со еден од најниските БДП во Европа. Црногорските работници, според податоците од „Евростат“, работат 43,3 часа неделно, а нивниот БДП изнесува 6.900 евра по глава на жител. На другиот крај на скалата се наоѓа Холандија, во која работниците работат речиси 12 часа помалку неделно, а нивниот БДП е 6,5 пати поголем отколку во Црна Гора.
Бројот на часови поминати на работа најчесто е неупотреблив показател од кој не може да се извлече никаков заклучок за работата на работниците или успехот на компанијата. На северноевропските работодавци одамна им е јасно дека не е важно колку часа работникот ќе помине на работа, туку што и како ќе одработи во текот на работното време. Затоа,
работодавците низ светот почнаа да ја намалуваат работната недела и да воведуваат пофлексибилни форми на работа. Работникот кој може послободно да располага со своето работно време е високо мотивиран да го даде максимумот и да работи најдобро што може во најкраток можен период.