X
 12.08.2018 Наша тема

Студирање во Чешка: бесплатно образование, возбудлив живот, но и инфлација од дипломи

Има две поголеми разлики меѓу студирањето во Чешка и кај нас - високото образование е бесплатно, а од аспект на техничко-логистички услови, универзитетите функционираат на мошне завидно ниво, вели Диме Митревски од Прилеп, докторанд на Филозофскиот факултет при Масариковиот универзитет во Брно


Бесплатно студирање, референтни универзитетски центри, многу можности за работа, реновирани или нови студентски домови. Студентскиот живот во Чешка знае да биде мошне возбудлив, интензивен и преполн со содржини, вели Диме Митревски од Прилеп, докторанд на Филозофскиот факултет при Масариковиот универзитет во Брно. Со дипломецот на катедрата за англиски јазик и книжевност на скопскиот Филолошки факултет (со чешки јазик и книжевност како втор студиум) разговараме за љубовта кон странските јазици и култури, за можностите што ги нуди Чешка, за интересната дисертација што ја подготвува.

Диме Митревски, докторанд на Филозофскиот факултет при Масариковиот универзитет во Брно

- Можеби еден од најраните и најсилни импулси за изучување странски јазици кај мене (а верувам и кај многу млади во Македонија) од најмала возраст беа медиумите. Следењето содржини на странски јазик без нахсинхронизација, од цртани филмови до музика, во комбинација со квалитетни содржини на македонски јазик како „Бушавата азбука“, ја воспостави мултијазичноста како вредност и нормална состојба за нашата генерација од мали нозе. Веројатно благодарение на тоа и денес најголем дел од младите луѓе во Македонија немаат поголеми проблеми со изучувањето и користењето на странските јазици во секојдневната комуникација, и се отворени за спонтано спознавање нови култури – вели тој.

Како студент по бохемистика на Филолошкиот факултет, имал можност за едносеместрални студиски престои во Чешка, за понепосредно да го совлада чешкиот јазик и подлабоко да навлезе во чешката книжевност и култура.
- Студиските престои, освен неповторливото искуство од живеење во друга култура, се покажаа и како одлична подготовка за успешно понатамошно студирање во областа на бохемистиката и транслатологијата – објаснува Митревски.

Референтни универзитетски центри

Откако дипломирал во Скопје, на Филозофскиот факултет при Масариковиот универзитет во Брно се отворила програмата за магистерски студии по книжевност и интеркултурна комуникација. На приемните испити настапил со сопствен проект за магистерските истражувања и бил примен како стипендист на чешката влада.

- Потоа ми го прифатија и дисертацискиот проект и ме примија на програмата за докторски студии. Моите обврски како докторанд, покрај самостојната работа на докторската дисертација, вклучуваат и реализирање на дел од наставата на Институтот за чешка книжевност, креирање и водење самостојни курсеви од соодветната област, консултации со студенти и проверка на нивните дипломски и магистерски трудови, опонентура/стручно мислење на одбрана на дипломски или магистерски работи и учество во проектите на Институтот – објаснува Митревски.

Со колегите, пред еден од замоците во Чешка

Тој вели дека има две поголеми разлики меѓу студирањето во Чешка и кај нас - високото образование е бесплатно, а од аспект на техничко-логистички услови, универзитетите функционираат на мошне завидно ниво.
- Второво е особено битно кај природните и техничките науки. Во одредени струки (на пример, молекуларна биологија и очна хирургија) Карловиот и Масариковиот универзитет претставуваат референтни центри во средна Европа и пошироко, меѓу другото и од аспект на техничка опременост и развој на нови технологии – вели Митревски.

Студентскиот стандард во Чешка е релативно висок. И покрај доволните капацитети во реновираните и нови студентски домови, во нив сè почесто се сместуваат студенти од странство, додека голем дел од домашните студенти се одлучуваат за приватно сместување.
- Друга важна одлика на студентскиот живот е активното студирање – речиси сите домашни студенти паралелно и работат со скратено работно време, често пати и во својата област. Многу од нив се вклучени и во најразлични доброволни активности, негуваат различни хобија... Со еден збор, студентскиот живот во Чешка знае да биде мошне возбудлив, интензивен и преполн со содржини – вели Митревски.

Претворање на високото образование од вредност во бизнис

Сепак, додава тој, ваквите можности носат и низа „цивилизациски“ болести на високото образование - инфлација на дипломи особено во општествените науки, претворање на високото образование од вредност во бизнис, банализирање на научната работа (на студентите и на професорите) со непотребни бирократски процедури и форсирање истражувачка продуктивност по секоја цена.
- Така, често пати студирањето и академската заедница ги сведува на техничка, фабричка продукција на дипломирани кадри и безначајни академски текстови – објаснува Митревски.

Универзитетот во Брно   Фото: Масариков универзитет

Брно е град колку две третини од Скопје и со години наназад се вбројува меѓу првите 15 града во Европа според квалитетот на живот.

- Органски и физички сплотен со остатокот од јужна Моравија, Брно последниве години гради имиџ истовремено на вело-град и град на високата технологија и иновативноста. Градот е посакувано место за етаблираните меѓународни компании и новите стартапи, град на боемската традиција, која типичните чешки пивници ги комбинира со ексцентрични кафиња во функционалистичкиот стил од 30-тите, елегантни винарници и винарски патеки распослани по недогледните ритчиња. Разбирливо, таквиот живот, одличната поврзаност со поголемите околни центри Прага, Виена и Краков, добрите можности за професионална реализација, ги привлекуваат и студентите, од кои голем дел и по студиите остануваат во Брно – објаснува Митревски.

На предавање   Фото: Масариков универзитет

Со театарски превод тој почнал посериозно да се занимава за време на студискиот престој во Бристол, Англија. Се работи за интердисциплинарна гранка на теоријата за превод, која почнала да се одделува како засебна проблематика уште во 80-тите години, за денес истражувачкото поле да го рашири на широк спектар практики - од класичниот превод на драмски текстови за книжно издание или за театар, преку превод и адаптација на странски текстови за радио, телевизија и филм, до превод на титли за театар и телевизија, превод и натсинхронизација, превод и толкување во театар, релации на моќ и авторски права во театарскиот превод итн.
- Во нашиот контекст како потенцијални теми за истражување и дејствување се наметнуваат феноменот на превод и нахсинхронизација на турските и индиските теленовели, потребата од нови преводи на класичните драмски текстови или радикална адаптација/модернизација на постарите преводи при секоја нова инсценација, проблемот со авторските права во театарскиот превод во Македонија, статусот на преведувачот кај нас и неговата евентуална вклученост во инсценациско-продукцискиот процес и слично – вели Митревски.

Има ретка професија, за жал, Македонија е далеку...

Тој досега превел повеќе драмски текстови кои доживеале книжно или електронско издание, но обиди за нивна инсценација имало само двапати - едночинката „Шел-шок“ од Јуџин О’Нил, поставена на Факултетот за драмски уметности како студентска, испитна претстава, и драмата „Бела болест“ од Карел Чапек како дипломска претстава на Горјан Аревски.

Предизвик му е да се врати во Македонија, но постојаниот ангажман е тешко замислив   Фото: Јустина Франчек

На прашањето предизвик ли е да се работи во некој од театрите во Македонија, Митревски вели дека постојаниот ангажман на преведувач е тешко замислив.

- Идеална ситуација би била кога еден преведувач, веќе специјализиран и упатен во спецификите на театарскиот превод и во жанровските побарувања на дадената театарска сцена, би изработувал преводи на странски текстови по нарачка на конкретните театри и би бил соработник или дел од продукцискиот тим како консултант и познавач на низа битни аспекти од текстот. Но, поради централизираноста на нашата театарска сцена, малиот обем на театарската продукција, лошите финансиски услови кои ретко кога дозволуваат ангажирање на професионални преведувачи за конкретни проекти, во моментов сме мошне далеку од оваа замисла – вели тој.

Во моментот приоритет му е пишувањето на дисертацијата и завршувањето на докторските студии - процес кој бара многу работа, време и креативност.
- Би сакал да останам во сферата на преводот, каде што мислам дека можам најмногу да придонесам – вели Митревски.


Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема