X
 12.08.2021 Наука

Пронајдено совршено сочувано тело на лавче старо 28.000 години

Младенче од лав старо речиси 28.000 години било откриено замрзнато во сибирскиот вечен мраз. Телото на лавчето е толку добро сочувано што сѐ уште одлично се гледаат мустаќите.

Истражувачите во Шведска тврдат дека женското младенче, кое го нарекле Спарта, веројатно е најдобро сочуваното животно од леденото доба некогаш откриено. Нејзините заби, кожа и меко ткиво биле мумифицирани од мразот. Дури и нејзините органи останале недопрени.

До денес, Спарта е четврто пештерско лавче (Panthera spelaea) пронајдено закопано во вечниот мраз на Јакутија, кој се наоѓа во североисточниот агол на Русија. Лавчето било откриено во 2018 година од локалниот жител Борис Бержњев, кој барал древни мамутски заби меѓу тундрата.

Бидејќи ловот и трговијата со диви животни станаа ограничени, ловците на заби како Бержњев почнале да бараат антички слонови коски на ледениот север. Како што климатските промени почнале да го топат вечниот мраз, овие ловци сѐ повеќе почнале да наоѓаат постари остатоци.

Во изминатите неколку години, жителите во Сибир пронашле волнени носорози, волци, кафеави мечки, коњи, ирваси и бизони од вечниот мраз, а некои од овие трупови датираат уште од пред 40.000 години.

Јасно е дека овие ледени степи некогаш биле дом на бројни големи цицачи. Всушност, една година пред да ја најде Спарта, Бержњев пронашол друг труп од пештерски лав на само 15 метри оддалеченост. Лавот, наречен Борис, имал пооштетено тело, веројатно од уривање на пештера, но сепак бил неверојатно недопрен.

Истражувачите во Шведска, кои помогнале да се анализираат труповите, тврдат дека Борис и Спарта имале по околу еден до два месеца кога пцовисале. Сепак, и покрај тоа што биле најдени на 15 метри оддалеченост, се смета дека Борис е околу 15.000 години постар.



Она малку што денес го знаеме за пештерските лавови најчесто доаѓа од фосилите, трагите и древната пештерска уметност.

Мумифицираните тела пронајдени во вечниот мраз се едни од најдобрите докази што ги имаме за нивното постоење. Нивните замрзнати тела изгледаат неверојатно слично со денешните лавови на многу начини, само во многу поголем обем и со многу потопло крзно. Но, една од најиконските карактеристики на африканските лавови е нивната грива што се чини дека недостасува кај пештерските лавови.

Борис и Спарта се мали пештерски лавови, што значи дека тешко е да се каже како би се развивале нивните крзна со текот на нивното стареење. Ако младенчињата добиле шанса да преживеат и да пораснат, експертите сметаат дека нивното крзно веројатно ќе станело посиво за да се камуфлира во студениот сибирски Арткик.

Присуството на грива е важно бидејќи тоа може многу да каже за општествените структури на пештерските лавови. На пример, дали тие живееле сами или во групи со јасна хиеарархија.

Во моментов научниците сѐ уште дискутираат за тоа дали пештерските лавови за време на ледената доба сами шетале по сибирските степи или во групи како денешните африкански лавови.

Во француската пештера Шове од ледената доба прикажува десетина пештерски лавови, мажјаци и женки, во лов на бизони.

- Ловот во групи може да биде поефикасен од ловењето сами кога пленот е голем, а пештерските лавови имале многу такви видови плен на располагање во нивниот екосистем. Покрај тоа, големите групи би им помогнале да се заштити нивниот плен од конкуренцијата, како и заштита на младенчињата и младите - велат авторите на истражувањето.



Засега ова е само претпоставка. Покрај тоа што научниците нашле недопрени пештерски лавови во последниве години, и понатаму нема доволно информации за овие изумрени предатори за да се донесат заклучоци за нивните социјални структури.

Следниот чекор е да се направи редослед на целиот геном и на Спарта и на Борис.

Истражувањето било објавено во списанието „Кватернери“.

Извор: Science Alert
Фото: Love Dalén/Center for Palaeogenetics/Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука