X
 13.12.2017 Наука

Најинтересните научни откритија во 2017 година

Науката е алатка што ни помага да го разбереме универзумот. Но, сите можеме да се согласиме дека една од нејзините најдобри карактеристики е тоа што нè води до откритија на многу интересни нешта. Оваа година науката беше плодна, односно преовладуваа низа анализи, објавување трудови, истражувања.


Ова е листа со највпечатливите:

1. Се судрија две неутронски ѕвезди и ја променија астрономијата засекогаш

2017 година ќе биде запаметена како година во која научниците официјално влегоа во ерата на гравитациска бранова астрономија. Често ги набљудувале гравитациските бранови, но годинава опсерваториите низ светот забележаа оптичка светлина од х-зраци, радиобранови и гама-зраци и сите потекнуваат од едно исто место – пар неутронски ѕвезди оддалечени на 130 милиони светлосни години. Со анализи откриле дека голема фракција од тешките метали во универзумот, како злато, платина и ураниум, потекнува од овие катаклизмични настани. Откриле и друг начин со кој може да се измери степенот со кој универзумот се шири.

2. Честички откриле скриена празнина во Пирамидата во Гиза

фотоизвор: ScanPyramids Mission

Научниците годинава пронајдоа нова празнина во центарот на познатата пирамида. Откритието користело честички што се резултат на вселенска радијација која стапува во интеракција со Земјината атмосфера, па биле забележани како патуваат низ карпата на пирамидата. Слично е со х-зраци, па ја откриле шуплината која се наоѓа веднаш над галеријата во пирамидата. Се разбира, за целосно да се разјасни откритието, потребни се дополнителни истражувања.

3. Голем број нови животни што изгледаат како пениси

Оваа година научниците откриле многу црви што изгледаат како машки полов орган. Црвите биле пронајдени во калта на крајбрежјето на Филипините. Преживеале благодарение на симбиотската врска со бактерија, што им помогнало во трансформирањето на хидроген сулфид во калта во храна која може да биде консумирана. Сепак, има и нови видови на црви-полжави кои не изгледаат како машкиот полов орган, но имаат заедничка карактеристика – ејакулираат слуз од нивната основа за да можат да јадат.

4. Огромен леден брег се одвои од замрзнатата површина на Антарктикот

фото извор: NASA

Ледениот брег што се одвои има површина како половина Јамајка. Научниците не ја упатуваат „вината“ директно на климатските промени, иако во голем дел е заслужно глобалното затоплување. Но, ледените површини повремено се разделуваат. Не било познато што ќе се случи со одвоениот дел, но најверојатно ќе се раздели на повеќе парчиња и ќе се стопи во океанот. 

5. Јагне инкубирано во вештачка утроба

И во ова успеаја научниците во 2017 година. Утробата беше полна со течност, а анализите траеја 4 недели, па набљудуваа како јагнето се развива нормално. Секое јагне што беше инкубирано преживеа во утробата базирана на систем кој пумпа крв низ папочната врвца во специјална машина со кислород. Научниците истакнале дека целта на системот не е да се отстрани мајката од процесот на раѓање, туку да се помогне при екстремно недоносени доенчиња. Сепак, овој експеримент уште не е тестиран на луѓе.

6. Пронајдени потенцијални услови за живот, далечни и блиски

Откриен беше соларен систем со егзопланети слични на Земјата, како и ѕвезда „џрвено џуџе“ наречена „Трапист – 1“. Потоа беше пронајдена и егзопланета наречена „LHS 1140b“ која орбитира околу ѕвездата „LHS 1140“ на само 40 светлосни години оддалеченост. Се поставуваа претпоставки за тоа дали овие планети можат да бидат населени. Се покажа дека кога се работи за планети што личат на Земјата, најдобрите места за барање живот се можеби „црвените џуџиња“ што се кријат во нашите соларни соседства.

7. Нашиот вид бил присутен подолго отколку што сме мислеле

Можеби сте слушнале дека хомо сапиенс потекнува од еден дел на Африка пред околу 200.000 години. Но научниците откриле 5 нови вида хомо сапиенс што потекнуваат од Североисточна Африка и постоеле уште 100.000 години порано. Користеле нови техники за да го утврдат потеклото, па се заклучило дека луѓето ја напуштиле Африка пред 270.000 години.

8. Остатоци од диносауруси и целосни птици пронајдени во килибар

Нови видови инсекти стари милион години, пердуви од опашки на диносауруси и речиси целосна мала птица. Научниците пронајдоа низа стари животни и внимателно ги набљудуваа. Изненадувачко е колку добро зачувани останале примероците, со што се овозможува увид и подобар пристап во анализите.

9. Интерстеларен астероид помина покрај Земјата

фото извор: ESO

Сите комети што биле набљудувани потекнувале од нашиот Сончев Систем. Но, карпата во форма на цигара прелета блиску до Земјата во октомври, многу побрзо од која било друга карпа што орбитира околу Сонцето. Сепак, карпата не изгледаше како комета, односно ја немаше посебната карактеристика – опашката. Се појавува загриженост дека можеби постојат повеќе вакви карпи што можат да бидат поопасни.

10. Компјутерите се поблиску до својата квантна иднина

Еден ден овие компјутери може да бидат добри за стимулирање на однесувањето на молекулите и да го пробиваат начинот на кој безбедносните податоци се складирани.

IBM сега има 22-кубитен квантен процесор, кој е достапен за клиенти на чип со серија на електроника која се држи на близу апсолутна нула. Квантните компјутери сè уште не ги победиле регуларните, но се претпоставува дека наскоро доаѓа нивното време.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука