X
 12.09.2019 Технологија

Прошталниот говор на кинескиот милијардер Џек Ма: „Довербата прави работите да бидат поедноставни“


Милијардерот Џек Ма, кој ја воведе е-трговијата во Кина, вчера официјално се повлече од местото извршен претседател на „Алибаба“.

Ма се повлече од позицијата откако две децении помина создавајќи бизнис вреден 460 милијарди долари.

Најави дека по заминувањето од челото на „Алибаба“, целосно ќе се посвети на филантропијата, а на местото на извршен претседател ќе го замени досегашниот извршен директор на „Алибаба“, Даниел Чанг.

Ма ја создал компанијата „Алибаба“ врз основа на шест основни вредности на компанијата, наречени шест духови мечеви, според популарната техника кунг-фу.

Тоа за него значи:

1. Клиентот е на прво место
2. Доверба
3. Интегритет
4. Тимска работа
5. Прифати ги промените
6. Страст

Врз основа на овие принципи тој создаде бизнис-империја и стана еден од најбогатите луѓе во светот.

Но сега одлучи тие принципи да ги дополни и прилагоди на модерниот свет. Во завршниот говор што како извршен претседател на компанијата го одржа вчера, тој промените ги нарече „Нова визија“.

Целта на „Новата визија“ е, со мудро лидерство, „Алибаба“ да потрае уште 102 години и таа стапи на сила веднаш штом ја прочита.

- Во 21. век, без оглед на тоа кој сте или каква е вашата организација, не треба да се занимавате со големина и моќ. Треба да бидете добри. Љубезноста е најголема моќ - изјави Ма.

Според него, за компанијата да опстане во современиот свет, мора да биде дигитално сила. Во согласност со тоа, „Алибаба“ има шест нови вредности, што би требало да ја засилат нивната култура за дигиталното доба.

Ова се новите темели на „Алибаба“:

1. Купувачите се на прво место, вработените на второ, акционерите на трето
2. Довербата прави работите да бидат поедноставни
3. Промената е единствената константа
4. Досегашниот најдобар резултат е утрешната основна вредност
5. Ако не сега - кога? Ако не јас - кој?
6. Живејте сериозно, работете среќни

Целта на „Новата визија“ е и олеснување на работата, каде и да сте.

- Технолошката револуција ќе донесе најдлабоки промени во човечката историја - изјави Ма.

Новите технологии како вештачката интелигенција, 5Г и Интернет на нештата, сакаат да решат три проблеми: одржлив развој, инклузија и алтруизам.

- Ако технологијата не може да ги реши овие проблеми, тогаш таа не значи ништо - изјави Ма.

Кина и светот

Ма рече дека „Алибаба“ сака да подобри две работи: поттикнување на кинеската домашна побарувачка и учество во глобализацијата.

- За да се стимулира домашната побарувачка, мора да се потпреме на пазарната економија, а не на владините регулативи. Ако кинеската домашна побарувачка не е добра, одговорна е „Алибаба“ - рече тој.

Исто така, компанијата треба да ги користи своите ресурси за поврзување на глобалните бизниси и зацврстување на улогата на Кина во иднината на технологијата.

- Светот се плаши од Кина, се плаши од технологија, се плаши од моќни компании. Се надеваме дека технологијата е добра. Се надеваме дека технологијата ќе донесе надеж, а не очај. Се надеваме дека „Алибаба“ во иднина ќе може да учествува во новата глобализација и да даде можност на остатокот од светот - додаде тој.

Кунг-фу култура

Ма повеќе пати ја истакнуваше љубовта и почитта кон кинеските боречки вештини и зборуваше за тоа дека нивниот дух го инспирирале да ја основа и формира „Алибаба“.

Голем дел од основните вредности на компанијата се инспирирани од кунг-фу техниката што ја создал неговиот омилн писател на книги за боречки вештини: Луис Ча, покоен кинески писател, есеист, еден од основачите на дневниот весник „Минг Пао“ и негов главен уредник.

Во 1999 година кога Ма седнал со останатите 17 основачи на „Алибаба“ во неговиот стан во источниот кинески град Хангџоу, и заедно  истакнале девет основни вредности и ги именувале по техники во кунг-фу од една од книгите на Ча.

Во 2004 година, „Алибаба“ ги скратил вредностите на шест и им дал ново име: „Шест духовни мечеви“.

- Да не бевте вие, се прашувам дали би постоела „Алибаба“. Дури и да постоеше, не би можела да биде она што е денес - десетици илјади луѓе кои полудеа заедно - напиша Ма во чест на Ча, минатиот октомври, кога писателот починал.

Обожавател на кунг-фу, Ма вежба таи-чи, кинески боречки вештини. Дури и глумел во филмот „Кунг-фу Гонг Шоу Дао“ од 2017 година.

Иако се оддалечува од секојдневните активности на „Алибаба“, Ма веројатно и понатаму ќе има големо влијание врз компанијата и врз кинеската технолошка индустрија. Времето ќе покаже дали компанијата ќе може да преживее без него.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија