Водечкиот онлајн-блог посветен на глобалното работење на киноиндустријата и филмската индустрија, Celluloid Junkie, објави анализа која укажува дека во време на пандемија на Ковид-19 кината се покажале како најбезбедно место.
Опсежната студија која ја спроведе Celluloid Junkie, со активно следење на пандемијата, открила дека ниедно избивање на зараза на Ковид-19 никаде во светот не може да се поврзе со киносалите или местата со јавни проекции. Како што 95% од кината во светот затворија во првата половина на 2020 година и како што државните и здравствени институции предупредуваа на заканата која ја претставуваа затворените простори, така истражувачите од блогот на Celluloid Junkie се запрашале дали постојат примери каде било во светот кои укажуваат дека кината се места за ширење на заразата на Ковид-19.
Следејќи го разорниот ефект што пандемијата на коронавирусот го имаше врз светската филмска и киноиндустрија, и на другите аспекти од животот, како и од моментот кога се затворени првите киносали во Кина, блогот на СЈ будно и внимателно ги следеше сите новости на тема Ковид-19, на сите континенти, земји и јазици. Иако е невозможно дефинитивно да се докаже сѐ, тие со сигурност тврдат дека до денес ниедно избивање на зараза или пренос на вирусот не може да им се припише на киносалите. Пренесуваме дел од методологијата и заклучоците на ова истражување, а целиот текст е достапен на нивната страница
Celluloid Junkie.
Некои киносали беа принудени да затворат поради недостиг на премиера на холивудски блокбастери, некои и поради мерките на владите во своите држави. Во Македонија кината добија дозвола за работа почнувајќи од 24.09.2020, под посебни протоколи донесени од Владата и Комисијата за заразни болести. Потсетуваме дека на некои пазари кината штотуку почнаа со работа, а има и земји каде што сѐ уште не се отворени поради забраните за јавни собири.
Научните причини за ограничувањето на бројот на луѓе во затворена просторија се базираат на тоа дека SARS-Cov-2 вирусот се пренесува примарно преку аеросоли (кивање, кашлање, дишење) отколку преку допир. Спротивно на тоа, во некои држави некои видови собирања на затворен простор беа дозволени, додека други беа забранети. Њујорк е пример на град во кој беа дозволени посети на цркви и кугларници, додека пак одење во кино беше забрането. Одлуката дали кината ќе се отворат или не често зависи од политиката, а не од науката. Потребно е да се нагласи дека во минатото киносалите ниту еднаш не беа поврзани со инциденти на создавање нови жаришта на вирусот, нешто што не може да се каже за црквите, рестораните, ноќните клубови, баровите, па дури и Белата куќа.
Истражувајќи дали кината се извор на зараза или ширење на вирусот Ковид-19, блогот на СЈ користел палета на различни алатки, меѓу кои и комуникација со над 1.000 синџири на киносали и постојан контакт со сите национални и глобални здруженија, асоцијации и федерации на киноприкажувачи.
Студиите потврдуваат дека немало пренос во земјите во кои кината никогаш не беа затворени
Иако повеќе од 90% од кината во светот не работеа во текот на првата половина на 2020 година и во текот на првиот бран на вирусот, сепак, некои држави одлучија да ги остават киносалите отворени. Ниедна од тие држави не го избегна ширењето на вирусот во границите на својата држава, но сепак во најголемиот дел успешно се справија и ја контролираа ситуацијата.
Уште една студија спроведена во Берлин покажа дека ако во кино ги дишеме само издишените аеросоли, дури и во случај на екстремно долг филм, сѐ уште можноста да се зарази некој е далеку помала споредено со канцеларија во која активно се зборува. Студијата исто така укажува дека ова е поврзано и со видот на вентилација кој е присутен во киносалите.
Важно е да се напомене дека иако кината претставуваат релативно низок ризик за пренос на вирусот, не е исто како и да тврдиме дека ризикот воопшто не постои. Меѓутоа, луѓето не престанаа да одат во супермаркети или да користат јавен превоз, иако овие два примери претставуваат висок ризик за пренос на вирусот.
Д-р Џојс Санчез, специјалист за инфективни болести од медицинскиот колеџ „Висконсин“, напоменува во својата студија дека не постои ниедна литература во светот која покажува дека кината се места за вирална трансмисија. Ниту по два месеца од нејзиното објавување ситуацијата не се променила. Д-р Роберт Лахита, професор по медицина на медицинскиот колеџ во Њујорк, изјавува дека смета дека сме дури 95% безбедни во кината кои ги почитуваат сите епидемиолошки мерки.
Во Македонија, кината работат со посебни мерки донесени од Комисијата за заразни болести и Владата, кои вклучуваат:
-работење со 30% од капацитетот на салите
-физичка дистанца меѓу седишта од 1,5 м
-купување билети онлајн каде што е можно, а таму каде што не е, обезбедена дистанца меѓу посетителите при купување билети во кино
-евидентирање на посетителите со лични податоци при купување билети
-носење заштитна маска во текот на целата посета во киното
-редовно дезинфицирање во тоалетите, салите и фоајето на киното
Секако, оставаме на поединци дали ќе го посетат киното или не, но пораката на ова истражување е дека кината, во овој момент, се најбезбедни затворени места, доколку секој ги почитува пропишаните протоколи. Од почетокот на пандемијата, па до денес, има над 100 милиони посети на кината низ светот и во ниедно од нив не е забележано ширење или заразување со Ковид-19.
(Комерцијална објава)