Товарот што коронавирусот им го нанесе на здравствените системи во светот може да резултира со милиони смртни случаи во текот на наредните две години, вели Бил Гејтс. Во текот на најлошите месеци, кога земјите се обидуваа да го спречат влегувањето на коронавирус во болниците и да го растоварат здравствениот систем за пациентите, на многумина им биле откажани нивните редовни прегледи, додека дел од луѓето не оделе на доктор кога имале здравствени проблеми.
Таквите ситуации, со одложувањето на прегледи и докторските посети, би можеле да резултираат со подоцнежно дијагностицирање на болестите, што би значело и помала ефективност во лекувањето, односно поголема смртност.
За ова предупреди и Бил Гејтс на неодамнешното интервју за „Економист“. Тој објаснува дека карантините и заклучувањата дизајнирани за спречување на коронавирусот ќе влијаат врз можноста на луѓето да пристапат до медицинска нега за други здравствени состојби. Оваа динамика, истакнува Гејтс, ќе ги погоди земјите во развој кои напорно се борат против маларија и ХИВ.
За време на интервјуто Гејтс истакна дека одговорот на САД на коронавирусот е сосема погрешен и дека требало порано да се преземат одредени активности.
Фото: Screenshot/YouTube
- Не се подготвивме, не направивме симулации за да сфатиме дека е потребно брзо тестирање. Така, не успеавме уште пред да нѐ погоди. А штом нѐ погоди, и тогаш направивме грешки. Севкупно, одговорот беше помалку добар отколку што очекував. Штетата, економска и здравствена, е далеку поголема отколку што очекував со вирус како овој - изјави Гејтс.
На прашањето како Кина се справила со вирусот, Гејтс изјави дека земјата направила многу за спречување на ширењето на вирусот, иако можеби била пасивна во борбата на самиот почеток.
- Земјата каде што најпрво се појави вирусот имаше најтешка работа, затоа што немаше предупредување. Очигледно направи грешка. Постоеја предупредувачки знаци, луѓето зборуваа за вирусот. Не презедоа ништо ниту во декември ниту во јануари. Но, потоа тие направија многу добра работа за сузбивање на вирусот. Можеби имало повредени индивидуални права, но целокупниот ефект што го постигнале е неверојатен - вели Гејтс.
Гејтс со години предупредуваше на опасност од глобална пандемија. За време на ТЕД-говор што го одржа пред неколку години, Гејтс истакна дека следната глобална катастрофа нема да биде светска војна или нуклеарен напад, туку вирус.