X
 12.11.2024 Култура

Вистинската приказна зад трогателниот документарец „Неверојатниот живот на Ибелин“ на „Нетфликс“

Документарецот „Неверојатниот живот на Ибелин“, кој премиерно беше прикажан на фестивалот „Санденс“ и сега е достапен на „Нетфликс“, ја открива трогателната приказна за Норвежанецот Матс Стин, кој и покрај болеста со која се соочувал, Дишенова мускулна дистрофија, пронашол слобода, љубов и пријателство преку видеоиграта „Светот на војување“.

Матс, кој почина во 2014 година, на 25-годишна возраст, поголемиот дел од животот го помина во инвалидска количка, но преку виртуелниот лик Ибелин Редмур живееше паралелен живот како херој, пријател и романтичен партнер.

Неговиот богат виртуелен свет, полн со пријателства и авантури, останал непознат дури и за неговите родители до неговата смрт.

По неговата смрт, неговите родители добиле стотици пораки за сочувство од непознати лица кои го знаеле Матс како Ибелин.

Во овој наградуван документарен филм, режисерот Бенџамин Ри ја истражува моќта на онлајн врските кои честопати можат да бидат исто толку моќни колку и реалните.

Филмот не претставува само приказна за смртта, туку и за љубовта, пријателството и човечката поврзаност и покренува важни прашања за можноста за создавање блиски односи во дигиталниот свет. Режисерот користи семејни снимки и анимирани претстави на аватарите на Матс, создавајќи интимен приказ на млад човек кој иако физички ограничен, живеел без граници преку неговото виртуелно алтер его.

Дишеновата мускулна дистрофија, од која страдал Матс, е наследна болест која предизвикува прогресивна мускулна слабост и често завршува со смрт во втората или третата деценија од животот. И покрај ограничувањата наметнати од болеста, „двојниот живот“ на Матс покажува како виртуелните игри можат да обезбедат излез, поддршка и чувство на припадност на оние што се соочуваат со изолација и физички бариери.



Извор: 6yka.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура