Локалната полиција во градот Моче во Перу на крајот од март оваа година ги прегледувала безбедносните камери поставени на улиците и забележала нешто невообичаено - среде ноќ, во мракот, момче седи на тротоарот, а во близина нема ниту една возрасна личност. Глетката предизвикала сомнеж кај полицајците.
Но, кога ја зумирале снимката, сфатиле дека момчето нешто пишува во тетратка. Полициската станица одлучила видеото да го објави на својата официјална фејсбук-страница, а деталите од случајот расплакаа многумина.
Имено, момчето од снимката е 12-годишниот Виктор Мартин Ангуло Кордоба, а сиромаштијата и животот без струја го натерале да ги пишува домашните задачи под светлината на уличната ламба.
Посветеноста на Виктор кон училиштето стана вистински хит, па видеото го прегледале повеќе од пет милиони луѓе, а локалните новинари успеале да дојдат до неговото семејство. Родителите на момчето не можеле да си дозволат да платат приклучок за струја во нивниот скромен дом, па Виктор морал да учи на свеќа.
- Еден ден ми рече: „Ако продолжам вака, ќе го изгубам разумот! Подобро да излезам надвор и да ја завршам домашната задача“ - раскажува неговата мајка Роса Ангуло Кордоба. Таа додава дека нејзиниот син често си го вкочанува вратот затоа што пишува на свеќа, меѓутоа, никогаш не ги запоставил неговите училишни обврски.
- Покрај тоа, редовно помага со домашните обврски и ги чува нашите овци, од кои живееме - вели мајката.
Откако приказната на
Виктор стигнала до јавноста, се јавил и градоначалникот на Моче, кој ветил дека од сопствен џеб на ова семејство ќе му плати приклучок за струја.
- Само сакам да му помогнам на моето семејство. Сакам да се школувам и да станам полицаец за да ја запрам корупцијата - рече овој одличен ученик од шесто одделение.