X
 15.09.2020 Живот

Дејвид Атенборо упатува најостри предупредувања до човештвото во новиот документарец

Најпознатиот телевизиски натуралист сер Дејвид Атенборо, кој во Британија го сметаат за национално богатство, во својот нов документарец го дава најострото предупредување за човештвото досега: целта на сопственото преживување мора да ги зачува и другите видови.

Во едночасовниот филм „Истребување: фактите“, кој неодамна се емитуваше на Би-би-си, Атенборо ги прикажува разорните последици од уништувањето на природните живеалишта и тоа јасно го поврзува со појавата на пандемија како оваа со која се соочуваме денес.

Документарецот беше прикажан по неколку дена откако експертите предупредија дека популацијата на животни, птици и риби за помалку од 50 години е намалена за две третини и тоа поради несовесната прекумерна потрошувачка на луѓето.

- Се соочуваме со криза што ќе има последици врз сите нас - вели Атенборо на почетокот од документарецот.

Филмот содржи ужасни сцени - мајмуни што избезумено скокаат од дрвјата во реката за да се спасат од пожарите и коали што очајно се обидуваат да најдат засолниште од пожарите.

Во новиот филм Атенборо го истражува и изворот на Ковид-19 меѓу популацијата на лилјаци во пештерите на кинеската провинција Јунан.

Прикажан е и кинескиот пазар во Вухан за продажба на диви животни, од каде што се верува дека почнало ширењето на пандемијата.

Исто така, Атенборо патувал до Централна Африка за да ги прикаже последните два живи северни бели носорози, мајка и ќерка.

- Во текот на мојот живот сум сретнал извонредни видови животни. Дури сега сфатив колку сум несреќен бидејќи некои од тие прекрасни животни ќе исчезнат засекогаш - вели тој.

Постои надеж


Но, тој вели дека постои надеж. Во 70-тите години Атенборо сними филм за планинските горили на границата меѓу Руанда и Конго, кои тогаш биле на работ на истребување. Благодарение на одлучната кампања за нивно спасување, нивниот број се зголеми од 250 на повеќе од илјада, па Атенборо имаше можност да се сретне со потомците на мајмуните што ги снимил пред 40 години.

- Можеби јас нема да доживеам, но ако донесеме правилни одлуки во овие критични моменти, можеме да го зачуваме екосистемот на нашата планета, неговиот извонреден биодиверзитет и сите негови жители - заклучува во филмот.

- Она што ќе се случи зависи од сите нас - додава тој.



Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот