12.12.2018
Економија
„Тесла“ побарува 167 милиони долари од поранешен вработен
Автомобилската компанија „Тесла“ побарува 167 милиони долари отштета од својот поранешен вработен, технологот Мартин Трип, јави Си-ен-би-си повикувајќи се на судски документи.
Процедурата за побарувањето започна во јуни годинава, но сумата што ја бара „Тесла“ е обелоденета дури сега.
Компанијата смета дека Трип на незаконски начин во медиумите објавил податоци за „Тесла“ и дека давал лажни изјави.
Информацијата што тој ја изнел влијаела врз берзанското котирање на вредноста на акциите на компанијата, смета автомобилскиот концерн.
Адвокатот на Трип, Роберт Мичел, изјави дека барањата на „Тесла“ се апсурдни.
- Посочената сума за отштетата е поврзана со наводно намалување на вредноста на акциите на „Тесла“, кое се случи по споделувањето на информацијата со новинарите - изјави адвокатот.
Во јуни компанијата поднесе тужба против Трип во Федералниот суд на сојузната држава Невада, во која се тврди дека тој изработил програма за упад во производствениот операциски систем на „Тесла“ и копирал неколку гигабајти информации што им ги предал на трети лица.
Хакерската програма наводно била поставена на три компјутери и податоците од нив можеле да се преземаат и по отпуштањето на Трип од работа.
Поранешниот вработен, кој Си-ен-би-си го нарекува „свиркач“, во јули годинава поднел изјава до Комисијата за хартии од вредност и берзи на САД во која тврди дека „Тесла“ ги „доведува во заблуда инвеститорите и користи дефектни батерии при монтирање на електричните автомобили“.
Трип исто така ја обвинува компанијата дека во текот на неколку месеци објавувала преувеличени податоци за бројот на произведените автомобили „модел 3“.
„Тесла“ ги отфрла сите овие обвиненија.
Извор: МИА